Претставата „Разговори во четири очи“ во режија на Нина Николиќ на Македонскиот народен театар ја освои наградата на жирито за најдобра претстава на 6. Интернационален театарски фестивал „Московски ноќи“, кој од 5 до 9 октомври се одржа во Театарот за драма и комедија „Фест“ во Митишчи, Русија.
Во жирито на фестивалот учествуваа познати руски театарски критичари и национални уметници. Претставата беше изведена на 6 октомври во полниот салон на Театарот „Фест“, а македонските актери се вратија со возбуда што ја создаде приемот на претставата кај руската театарска публика.
Амернис Нокшиќи-Јовановска и Благој Веселинов
На фестивалот беа изведени осум претстави, од кои покрај МНТ, учествуваа шест руски и еден театар од Казахстан.
Претставата „Разговори во четири очи“ е копродукција на Македонскиот народен театар и „Скопје филм студио“. Работена е по текст на познатиот филмски и театарски автор Ингмар Бергман. Претставата досега гостуваше на повеќе театарски фестивали во Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и во Македонија.
Во претставата играат: Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петар Арсовски, Дамјан Цветановски, Дарја Ризова, Катина Иванова и Благој Веселинов.
Претставата е на редовниот репертоар на МНТ, а следната изведба ѝ е на 25 октомври.