Актерот Леонардо ди Каприо им се придружи на повиците упатени до властите на Босна и Херцеговина перманентно да се забрани изградбата на мини-хидроцентрала и така да се спречи уништувањето на реките и на животната средина.
Лео својот став за оваа тема го искажа на фејсбук-профилот, кога постави фотографија од реката Цврцка. Тој прво се осврна на зборовите на премиерот Фадил Новалиќ, цитирајќи ја неговата изјава за заштита на реката од хидроцентралата.
- Лично ги поддржувам еколошките невладини здруженија. Како голем љубител на природата, секогаш ќе ги поддржувам проектите за зачувување. Мислам дека чисти реки ни се поважни од струјата. Ние веројатно сме единствена земја во регионот што е енергетски независна, добиваме доволно енергија од други извори. Мораме да ги одржуваме реките чисти и да им ги пренесеме на идните генерации - ги пренесе актерот зборовите на премиерот.
Познатиот актер нагласи дека на реките во Босна им се заканува уништување бидејќи се градат или во план е изградба на 463 мини-хидроцентрали.
- Федерацијата мора итно да преземе мерки сега, како што тоа го направивме во САД за дивите и живописните реки. Трајна заштита на поголемиот дел од преостанатата биолошка разновидност во Европа е спас за локалните заедници и многу загрозени видови што светот ризикува да ги изгуби - вели Ди Каприо.
Фото: Screenshot/YouTube