X
 10.10.2024 Култура

Ова се најдосадните филмови на сите времиња, според интернет-корисниците

Обожавателите на филмовите кои често ја посетуваат социјалната мрежа „Редит“ неодамна започнаа дискусија за филмови што ги оставиле целосно рамнодушни.

Дискусијата започна кога еден постави прашање за тоа кој е најдосадниот филм што некогаш го гледале корисниците, притоа напоменувајќи дека не мисли на лоши филмови, бидејќи и лошите можат да бидат забавни, туку филмови што им биле здодевни.

Неговата објава им го привлече вниманието на над 1.000 редит-корисници кои во коментарите наведоа филмови што не ги воодушевиле. Во продолжение ви откриваме неколку.

1. „Фантастични ѕверови: Тајните на Дамблдор“ (Fantastic Beasts: The Secrets of Dumbledore, 2022)


 

Третиот дел од серијалот „Фантастични ѕверови“, во режија на Дејвид Јетс, собра најмногу гласови од редит-корисниците. Филмот ги подели и критичарите, а се смета за најнеуспешниот од оваа франшиза.

2. „Амстердам“ (Amsterdam, 2022)

 

Историскиот трилер на режисерот Дејвид О. Расел наиде на критики од гледачите и велат дека е неверојатно незначаен. Филмот е сместен во 30-тите години и следи тројца пријатели кои се наоѓаат во центарот на еден од најшокантните заговори во американската историја. И покрај импресивната актерска екипа составена од Маргот Роби, Кристијан Бејл и Џон Дејвид Вашингтон, филмот беше разочарување и за критичарите и за просечната публика, и доживеа голем финансиски неуспех.

3. „Австралија“ (Australia, 2008)


 

Оваа епска драма на Баз Лурман е сместена во Австралија за време на Втората светска војна. Приказната за англиската аристократка (Никол Кидман) и австралискиот ранчер (Хју Џекман), кои се борат за опстанок и љубов, е позната по раскошната визуелност, но и по еднодимензионалните ликови и претерано развлечениот заплет. Многумина го нарекоа филмот долг, здодевен и неинтересен.

4. „Наполеон“ (Napoleon, 2023)

 

Историскиот еп на Ридли Скот, кој го прикажува подемот и падот на Наполеон Бонапарта и го истражува неговиот приватен живот, беше еден од најголемите неуспеси во 2023 година. Иако филмот е визуелно импресивен, многу гледачи сметаа дека дејството е премногу бавно и не им се допаѓа што историските настани не ги прикажува историски точно.

5. „Матрикс: Воскресение“ (The Matrix Resurrections, 2021)

 

Последниот дел од серијалот „Матрикс“, „Матрикс: Воскресение“, е единствениот филм од научнофантастичната франшиза во режија на Лана Вачовски. Дејството на филмот се одвива 60 години по крајот на третиот филм и го следи Нео, кој работи како развивач на видеоигри. Откако е ослободен од Матрикс од страна на нова група бунтовници, Нео мора да се бори против новиот непријател кој ја затворил Тринити.

- Новото продолжение на „Матрикс“ е еден од најдосадните филмови што сум ги гледал - вели еден интернет-корисник.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура