Од нивното појавување во 15 век во Отоманската Империја, кафулињата брзо го освоија светот станувајќи незаменлив дел од секојдневниот живот во Европа и пошироко. Иако слични места за собирање и дружење со пијалаци постоеле претходно во различни култури, Отоманската Империја одиграла клучна улога во популаризирањето на концептот на кафуле каков што го знаеме денес. Ве водиме на патување низ времето и ви ги претставуваме шесте најстари познати кафе-оази во светот, места кои биле сведоци на многу важни настани и биле засолниште за многу познати личности.
„Тахмис Кахвеси“
Сместено во историскиот град Газијантеп во Турција, се смета за едно од најстарите кафулиња во светот, со традиција која датира од 1635 година. Ова автентично турско кафуле ги маѓепсува посетителите со својот старомоден амбиент, мирисот на свежо мелено кафе и традиционалниот начин на подготовка во бакарни ѓезвиња. Со шолја силно, ароматично турско кафе можете да уживате во опуштената атмосфера овде и да го почувствувате духот на минатото.
„Кафе Прокоп“
Основано е во 1686 година во Париз. Порано било омилено место за состаноци на интелектуалци и револуционери како Волтер, Русо и Дидро. Денес, ова историско кафуле, дел од ресторанот „Прокоп“, сè уште зрачи со духот на минатото, но со помодерен пристап. Тоа е совршено место за да се почувствува комбинацијата на историјата и современиот Париз.
„Кафе Флоријан“
Основано во 1720 година во Венеција, зрачи со историја и елеганција. Сместено на колоритниот плоштад „Свети Марко“, ова кафуле им било омилено место на уметници и интелектуалци. Во модерните времиња, заедно со зачуваниот луксуз на ентериерот од 18 век, се појавува и во филмот „Талентираниот г. Рипли“ и нуди повеќе од кафе. Овде можете да уживате во појадок, лесен ручек или да се препуштите на познатиот попладневен чај во придружба на оркестар. Цените се високи, но искуството е бесценето, обезбедувајќи уникатен спој на историја, култура и гастрономија во срцето на Венеција.
„Кафе Фрауенхубер“
Со гордост ја носи титулата на најстарото традиционално виенско кафуле, иако често се меша со најстарото „Кафе централ“. Зрачи со топлина и шарм, привлекувајќи ги и мештаните и туристите. Во јули неговата 200-годишнина беше прославена со специјална торта со марципан, што особено ги израдува љубителите на овој десерт. Во ова кафуле можете да уживате во класичните виенски јадења, богат избор на кафиња и чаеви, придружени со звуците на пијано во живо.
Кафуле во музејот „В&А“
Кафулето во музејот „В&А“ во Лондон, сместено во прекрасната околина на оригиналните викторијански простории за освежување, всушност е најстарото музејско кафуле во светот, основано во 1854 година. Овде можете да уживате во релаксирачка атмосфера и разновидна храна и пијалаци. Без разлика дали сакате да пробате традиционален англиски попладневен чај, да уживате во лесен оброк како салата или сендвич, или да се почестите со некој од вкусните колачи, ова кафуле ќе го задоволи вашиот вкус.
„?“
Прашалникот е најстарото белградско кафуле, кое во првите денови имало повеќе кафеански шмек. Необичното име го добило во 1826 година кога сопственикот, соочен со притисокот од црквата да го смени оригиналното име „Кај Соборната црква“, хумористично закачил знак со прашалник. Некогаш место за средба на трговци и занаетчии, денес е популарно меѓу туристите и мештаните. Во автентично опкружување, со звуците на тамбура, можете да уживате во традиционални јадења како што се ќебапи и сармички или кафе, како и современи специјалитети.
Извор: lolamagazin.com
Фото: Freepik