X
 17.10.2016 Култура

Шареноликиот Минхен



Минхен изобилува и со музеи и културни содржини каде возрасните и децата со задоволство го поминуваат своето слободно време...


Минхен 1


Минхен е град што живее „со илјадарка на час“, а времето тука значи пари. Минхен е срцето на Баварија каде се нудат безбројни можности кои струјат низ неговиот „крвоток“.  Градот е приказна со две страни.
Од една страна, низ центарот забрзано проаѓаат бизнисмени во убави костуми, во едната рака држејќи пластични чаши од кои пијат кафе во од, а со другата ја прегледуваат својата „to do“ листа на обврски.

Минхен 2

Имаат сè освен време. Едуцирани се и добро ситуирани. За пари не зборуваат во бројки. Парите се покажуваат преку нарачката на јадење, струкираното одело, „lifestyle-от“. Страдаат од хроничен замор, фрустрации, стрес, а натрупаните обврски во дневните листи ги претвораат во „машини“ кои тукушто не експлодирале. Трката по материјални добра тука е видлива и со „голо око“.

Минхен 3

Oд друга страна, низ улиците во градот флуктуира безбројна маса на луѓе, во која се испреплетуваат нации, јазици и раси. Таквото мултикултурно влијание ја збогатува средината на културолошко ниво што на градот му дава дополнителна боја и душа.

Сепак, прва асоцијација за Минхен се музеите и културните содржини. Музеите се опремени со иновативни содржини, неретко со двојазично објаснување и екрани сензитивни на допир кои се приспособени на сите можни возрасти посетители.

Минхен 4

Еден од најфасцинантните музеи во Минхен е Музејот на петте континенти  (Fünf Kontinente Museum) основан во 1862 година и кој во континуитет освен постојаните постановки, нуди и посебни тематски изложби.

Минхен 5

На работ од Мариенплац, во насока кон Виктуалиенмаркт, сместен е Музејот на играчките (Spielzeugmuseum) каде се нуди цела палета на детски играчки од разни историски периоди.
Музеите во Минхен се вистинска ризница која крие непроценливо богатство што секојдневно, освен во понеделник, е достапно за љубопитните посетители. Поголемиот број од музеите се затворени во понеделник, но затоа пак секоја недела имаат отворени врати за посетителите по симболична цена од едно евро.

Минхен 6

За туристите во Минхен, особено е интересна турата за посета на „Дворците на Баварија“. Ги изградил Лудвиг Втори, кој на овие велелепни градби го потрошил целото семејно богатство стекнувано во текот на осум столетија. Затоа и бил сменет на престолот и прогласен за душевно болен, а набрзо потоа мистериозно се удавил заедно со својот психијатар. Неговиот најпознат дворец, Нојшвајштајн, е изграден во југозападна Баварија и бил инспирација за бајките на Дизни.

Во прекрасната резиденција на Лудвиг Втори што се наоѓа недалеку од центарот, можат да се видат и колекцијата на позлатени кочии и скапоцената збирка на порцелан.

Минхен 7

Во  Минхен особено се фасцинантни зелените површини. Англиската градина е најголемиот и најубавиот парк во градот, со површина поголема од Централ паркот во Њујорк. Во оваа оаза на мирот, можат да се сретнат луѓе кои читаат, лежат, се забавуваат, спортуваат и се дружат... секој според своите потреби. Иако е блиску до градскиот центар, овде има дури и нудистичко капалиште.

Минхен 8

Сепак, најмногу од сè – Минхен е град на фестивалите. Освен најпознатиот, Октоберфест, или фестивалот на пивото, градот е организатор и на Фашинг - прочуениот карневал, фестивалот на јакото пиво , пролетниот фестивал, Божиќниот саем, мултикултуралниот фестивал кој опфаќа  кулинарски специјалитети, пијалоци, музика и продажба на ракотворби од разни поднебја, а се одржува двапати годишно – во зима и во лето.

Минхен 10

Еден од најубавите и најпосетените е фестивалот познат како Деновите на Африка. Жени облечени во шарени облеки, мажи кои свират на тапани и други непознати инструменти, рачно сликана керамика, чај од мента и ароматично кафе, култура на плетење коси... и многу убава опуштена атмосфера полна со насмевки, го прават овој настан еден од најомилените во градот.

Минхен 11

Секој град е приказна за себе, еден голем лонец во кој се мешаат многу состојки, а секој гледа она што сака да го види. Култура. Традиција. Обичаи. Животни навики. Секоја приказна има две страни. И Минхен, исто така.

Минхен 12
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура