Манифестацијата е еден начин за да се зголемат ентузијазмот и иновативноста кај учениците по предметите од областа на природните науки, вели д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, професорка на Институтот за биологија и претседател на Македонското биолошко друштво
Околу 1.200 основци и средношколци од Македонија ќе учествуваат на манифестацијата „Ноември – месец на науката“, која во текот на месецов ќе се одржува во Скопје. Трета година по ред учениците ќе изработуваат експерименти од областа на хемијата, биологијата, географијата и математиката. Годинава физиката се издвои и викендов во рамките на школата на млади физичари манифестацијата ќе се одржи во трговскиот центар „Скопје сити мол“.
Од минатогодишната манифестација
Манифестацијата ја подготвуваат 11 друштва и здруженија, а годинава ги координира Македонското биолошко друштво (МБД). Според д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска, професорка на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и претседател на друштвото, во наредните три саботи учениците предводени од своите наставници ќе изработуваат експерименти, распределени по категории, според возраста.
- Првата сабота (10 ноември) е наменета за ученици од прво до шесто одделение по математика и природни науки и географија за шесто одделение. Втората е за учениците од седмо до деветто одделение, по математика, хемија, биологија и географија. Третиот викенд (24 ноември) е за овие четири предмети за средношколци - објаснува Диневска-Ќовкаровска.
Во сите денови предвидени се различни активности, но првенствено ќе има натпревари по експерименти. Според Диневска-Ќовкаровска, манифестацијата е еден начин за да се зголемат ентузијазмот и иновативноста кај учениците по предметите од областа на природните науки. Од лани во „Ноември – месец на науката“ се вклучи и математиката.
Проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска
- Многу од учениците ќе видат дека математиката не е „баук“. За најмладите се планирани предавања и работилници каде што учениците ќе можат да стекнат вештини, надвор од образовниот процес - вели Диневска-Ќовкаровска.
Дека интересот е голем, покажува бројката од 300 основци од подолните одделенија, повеќе од 500 пријавени од седмо до деветто одделение, околу 400 средношколци од училиштата од цела земја. Во програмата е предвидено и време за наставниците, кои ќе им предаваат на своите колеги и така ќе ги споделат искуствата во однос на наставниот процес од овие области.
Манифестацијата ќе се одржува во горната зграда на Природно-математичкиот факултет и е отворена за јавноста по 13:30 часот, кога учениците ќе завршат со експериментите и комисијата ќе заврши со оценување.
Благодарници и дипломи за најдобрите
Диневска-Ќовкаровска вели дека целта на оваа манифестација е насочена кон актуализирање на природните науки, особено со новите образовни програми бидејќи како предмет се учи од прво до шесто одделение.
- Освен тоа, експериментот е заборавен како метод на учење во основните училишта и, за жал, речиси и да не е застапен затоа што бара материјална поддршка на секое училиште. Затоа сакавме на учениците да им ја подигнеме способноста за изведување на експеримент. Така ќе покажеме дека природните науки се изучуваат преку изведување на експерименти, ќе актуализираме што значи експеримент, што презентација, демонстрација, што значи изработка на некаков модел од овие области – вели Диневска-Ќовкаровска.
Манифестацијата „Ноември – месец на науката“ првпат ја организира Друштвото на физичарите на Република Македонија, а лани Сојузот на хемичари и технолози на Македонија. Покрај координаторот, Македонското биолошко друштво, коорганизатори се друштвата на математичари и на географија, Природно-математичкиот факултет, Скопското и македонското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво и друштвата на студентите биолози и географи.