X
 30.12.2021 Живот

Младите таленти учесници на олимпијади одликувани на ПМФ

Порталите Факултети.мк и Деца.мк изминатиот период пишуваа за успесите на учениците Алексиј Тасиќ и Андреј Стојановски, кои ги потврдија своите одлични резултати од областа на природните науки во присуство на околу 900 натпреварувачи, лидери, набљудувачи и гости од повеќе од 70 земји од светот.

Шесте ученици од македонскиот тим што учествуваа на 18. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, која од 12 до 21 декември се одржа во Дубаи, Обединети Арапски Емирати освоија повеќе медали.

Сребрен медал доби Алексиј Тасиќ од училиштето „Јахја Кемал“ од Скопје, а бронзени добиле неговите соученици Матеа Митревска и Андреј Стојановски, потоа Иван Костевски и Марио Ванчовски од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип и Теона Ана Георгиевска од основното „Љубен Лапе“ од скопската општина Аеродром.
На Олимпијадата учествувале околу 900 натпреварувачи, лидери, набљудувачи и гости од повеќе од 70 земји од светот.

По повод овој успех, се одржа специјален настан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а на него беа доделени и медалите и дипломите што учениците ги освоиле на меѓународните олимпијади по физика, односно на 51. Меѓународна олимпијада по физика која се одржала во Вилнус, Литванија од 17 до 25 јули 2021 година, 45. Европска олимпијада по физика, која се одржала од 19 до 26 јуни 2021 година во организација на Естонското друштво на физичарите и 3. Балканска олимпијада по физика, која се одржала на 25.9.2021 година преку средствата за далечинско учење во Софија, Бугарија.



Лидерот на тимот, д-р Ламбе Барандовски, претседател на Друштвото на физичарите на Македонија, ја истакна заложбата на ова друштво и на преостанатите здруженија кои гравитираат кон Природно-математичкиот факултет, како и за промоција на физиката, хемијата и биологијата помеѓу учениците од основните и средните училишта во државата.

- Долгата традиција од над 60 години организирање натпревари од страна на ДФРМ придонесе за создавање генерации физичари и инженери кои денес истражуваат во врвните научни институции во Македонија и во светот - посочи тој.

Проф. д-р Александар Скепаровски, декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, ги поздрави олимпијците и им порача во иднина уште повеќе да навлезат во тајните на природните науки и дека вратите на Природно-математичкиот факултет за нив секогаш ќе бидат отворени во текот на нивното понатамошно образование.



Фото: Друштво на физичари

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот