X
 10.11.2020 Колумни

Колумна на Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, по повод Светскиот ден на науката

Во колумната за Светскиот ден на науката, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, се осврнува на предизвиците со кои се соочуваме глобално, но и во Македонија, за кои науката нуди единствен пат за нивна анализа и можно разрешување

Пишува: академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Денес, 10 Ноември, се чествува Светскиот ден на науката. „Науката претставува вистински водич на цивилизацијата, животот и успехот во светот; да се бара друг водич освен науката е апсурд, незнаење и ерес“ - се зборови кои му се припишуваат на Мустафа Кемал Ататурк. Милиони нови научни трудови се објавуваат секоја година. Ќе набројам неколку значајни откритија направени во последната деценија. Во палеонтологијата научниците првпат ги реконструираа вистинските бои на диносаурусите. Така, диносаурусот Anchiornis, кој живеел на нашата планета пред околу 160 милиони години, имал црно-бели пердуви на своето тело и впечатлив кластер од црвени пердуви на главата. Во изминатата деценија научниците го реконструираа геномот на човек кој живеел пред околу 4.000 години во денешен Гренланд, што овозможи антрополозите и генетичарите да дознаат повеќе за културите од далечното минато од кога било порано. Во 2019 година првпат беше произведен лек за еден човек: осумгодишно девојче по име Мила, која страдаше од катастрофална болест предизвикана од уникатна генска мутација, доби лек произведен само за неа. Неодамна астрономите ги потврдија предвидувањата на општата теорија на релативност, според која искривувањето на просторот-времето од големите маси предизвикува гравитација: во април 2019 година беа објавени првите директни опсервации на црната дупка. Повеќе децении физичарите неуморно работеа на модел, познат како Стандарден модел, со кој се опишуваат четирите основни интеракции на материјата. Моделот го предвидува постоењето на честичка позната како Хигсов бозон, која во 2012 година беше и експериментално откриена. Според УНЕСКО, во 2020 година фокусот на Светскиот ден на науката е: науката за и со општеството. Без сомнение, науката има решавачка улога во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме.

Кои се круцијалните глобални предизвици со кои денес се соочуваме на нашата планета? Климатските промени, демографијата, урбанизацијата, економскиот раст, потрошувачката на енергија, поврзувањето и геополитиката се некои од важните предизвици што научниците треба да ги истражуваат. Веќе подолго време се говори за интегрален, холистички, сеопфатен, универзален и трансформативен пристап за одржлив развој, кој ќе предложи „план на дејствување за луѓето, планетата и просперитетот“, дизајниран така што ќе овозможи светот да се движи по одржлив и флексибилен пат. Всушност, на Самитот за одржлив развој на ООН во септември 2015 година светските лидери усвоија нова Агенда за одржлив развој од 2030 година, во која на централно место се наоѓаат 17 цели за одржлив развој, групирани во три столба: општество, животна средина и економија, 169 придружни цели и 232 индикатори.

Денес се соочуваме со уште една глобална катастрофа – пандемијата на заразата Ковид-19. Така, прашањето дали пандемијата на болеста Ковид-19 е само случаен настан или има подлабоки, структурни причини што треба да се анализираат, разгледаат, е клучно за разбирање на последиците од пандемијата. За дел од научниците, аналитичарите, мислителите и оние што носат одлуки, пандемијата на болеста Ковид-19 е само уште една здравствена криза, при што мерките за социјално дистанцирање и евентуалниот развој на вакцината ќе овозможат брзо враќање во нормала. Други, причините за појавата на пандемијата, ги наоѓаат во „моделот на економски развој што доминира по Втората светска војна“, модел кој создаде однос спрема науката опишан како „организирана неодговорност“, при што „глобалниот капитализам моќно профитираше од експлозијата на продуктивност овозможена од модерната наука и технологија, истовремено туркајќи ги со метла под метафоричен тепих неговите ризици и неизвесности“.

Инфекциите предизвикани од патогени микроорганизми кои преминуваат од животни на луѓето, или се користи терминот прелевања (на англиски spillover), не се ништо ново за човештвото, тоа што е релативно ново е зачестеноста на ваквите настани. Во последните 30 години прелевањата се случија со невидено темпо првенствено поради уништување на шумите и промена на употребата на земјиштето предизвикано од проширување на агробизнисот, заедно со неконтролирани и експлозивни процеси на урбанизација кои во голема мера ги зголемија средбите меѓу луѓето и дивите видови.
Со други зборови, сликата е многу поширока и поголема: климатските промени и пандемијата на заразата Ковид-19 се всушност две страни од иста паричка. Голем број истражувања потврдуваат дека човечкиот притисок врз планетата Земја сè уште расте, не се намалува. Пандемијата на Ковид-19 е само една манифестација од тој притисок. Во раните години на 21 век појавата на вируси од животните (на англиски zoonoticviruses) кои имаат потенцијал да предизвикаат пандемии, дури можеби и со голема смртност кај луѓето, создадоа неколку меѓународни кризи. Стана јасно дека има потреба од поголема интердисциплинарна соработка со цел спречување и контролирање на ваквите заразни болести, при што се очекуваше во соработката да се вклучат не само лекари и ветеринари, туку и специјалисти за дивиот свет, еколози, антрополози, економисти и социолози. Така, почнувајќи од 2004 година, Светската здравствена организација во соработка со Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации и Светската организација за здравје на животните го промовира концептот „Едно здравје“ (на англиски OneHealth) со цел дизајнирање и спроведување програми, политики, законодавство и истражување кои ќе овозможат, меѓу другите работи, контрола на болестите што се шират меѓу животните и луѓето.

Пандемијата на Ковид-19 е глобална криза, па затоа, и поврзано со тоа, се наметнуваат прашањата: Како да се менаџираат кризи? Како да се справиме со растечките предизвици на одржливиот развој и климатските промени? Какви треба да бидат одговорните лица, тие што го водат општеството напред и носат одлуки? Одговорот на овие прашања бара холистички, сеопфатен пристап, за што подетално ќе зборувам на друго место. Веројатно, она со што треба најпрво да почнеме се промени во образованието и пристапот кон науката и уметноста. Кога станува збор за образованието, образованието треба да обезбеди динамичка рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, и уметноста, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна. Поконкретно, во научното образование потребно е да се потенцира дека планетата Земјата со сите нејзини жители и форми на здружувања е комплексен, адаптивен систем, со, на моменти, многу неопределена и флуктуирачка динамика, што се јавува низ повеќе размери (скалила) во простор, време и нивоа на организација.

Кои се предизвиците со кои се соочуваат научниците во Македонија? Некои теми сами се наметнуваат: тоа се теми поврзани со идентификување и анализирање на клучните трендови, предизвици и политики, со кои веројатно ќе бидат соочени светот и Европа во наредните 10 години, со посебен осврт на Република Македонија, при што анализата треба да се прави на повеќе нивоа, вклучувајќи глобално и регионално ниво. Поконкретно, анализата на влијанијата на факторите: промените на распределбата на моќта, предизвиците во глобалното владеење, промените на економските модели (промените во структурата на општествата, спротивставените демографски мотиви и растечките еколошки предизвици), врз иднината на Македонија е особено важна. Меѓусебно поврзаната и зависна природа на националните, европските и глобалните работи постави, особено кај помалите држави, нови предизвици во донесување политики и одлуки, стратешкото предвидување и антиципирање во владеењето нужно потребни за соочување со иднината.

Кога се зборува за Македонија, несомнено треба да се потенцира улогата на историјата, како научна дисциплина. Денес сме сведоци дека идентитетски прашања не само што не се затворени туку и понатаму грубо се отвораат. Така, на пример, официјална Софија инсистира да се избегнува користењето на терминот „македонски јазик“ и настапува со критични тези за формирањето на македонската нација. За македонскиот јазик сум пишувал повеќе пати на порталот Факултети.мк и на други портали. Би сакал да напоменам дека денес во историјата се користат интегрални, сеопфатни, холистички пристапи. Селективното и еднострано презентирање на доказите за идентитетите пред повеќе од 120 години, без тие да се согледаат сестрано и без да се постават во контекст (контекстуализираат) во соодветниот период, не се и не можат да бидат основа за меѓусебно разбирање. Всушност, во историографијата не постојат апсолутни и конечни вистини.

Христијанските просветители и мисионери браќата Кирил и Методиј, или светите Климент и Наум, се духовни лица, на кои не може да им дадете националност. Тие дејствувале во одредени држави, во Византија и во бугарската средновековна држава, меѓутоа, тоа не ги прави ниту Бугари, ниту Грци, ниту Македонци во современа смисла. Двајцата браќа Кирил и Методиј се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата еднакви со апостолите. Познато е дека во 1880 г. папата Лав 13. ги вовел во календарот на Римокатоличката црква, додека сто години подоцна, во 1980, папата Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа. Така, Денот на светите браќа Кирил и Методиј треба, по мое мислење, заеднички да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија. Заедничките чествувања се европски вредности, но тие треба да се прават на еднакви основи, со почитување на различните перцепции и без наметнување на сопствениот наратив врз наративот на другиот, и без повреда на достоинството на Македонците со условувања и уцени.


На крај, ќе завршам со зборовите на Џејкоб Броновски (Jacob Bronowski) од книгата „Потеклото на знаењето и имагинацијата“ (1978), стр. 58-59 (на англиски The Origins of Knowledge and Imagination (1978)): „Верувам дека светот е целосно поврзан: нема настани каде било во универзумот кои не се поврзани со секој друг настан во универзумот. ...Тоа е... суштински дел од методологијата на науката што го дели светот за секој експеримент на... релевантен и... ирелевантен. Ние правиме рез. Го ставаме експериментот... во кутија. ...Во моментот кога го правам тоа, правам насилство врз врските... Добивам множество одговори што се обидувам да ги декодирам во овој контекст. ...Јас сигурно нема да го разберам светот како што треба, затоа што основната претпоставка што ја направив е лага. ...Можно е да добијам само приближување на она што влегува во внатрешноста на оградата (во кутијата, моја забелешка). Затоа, кога практикуваме наука (и ова важи за целото наше искуство), секогаш декодираме дел од природата што не е целосен. Ние едноставно не можеме да излеземе од сопственото конечно“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни