Универзитетот Оксфорд е еден од најпрестижните во светот. Не многу студенти успеваат да се запишат на овој универзитет, со оглед на тоа што има прилично тежок приемен испит.
Активистката за човекови права, Малала Јусуфзаи, е еден од многуте студени кои ќе учат на Оксфорд овој септември.
За сите оние кои сакаат да учат на овој престижен универзитет, во продолжение ви нудиме некои прашања и што професорите бараат во нивните одговори.
1. Ова е листа на три соединенија, А, Б и В. Која е најрастворлива?
Одговорот? Не е толку важен.
„Од повеќето кандидати очекуваме да кажат дека не знаат и тоа е во ред - она што го бараме е како кандидатот го решава проблемот.
Не станува збор за точноста на размислувањето на ученикот, бидејќи не очекуваме да го дадат точниот одговор. Повеќе се насочуваме кон тоа како реагираат кога ќе дадат погрешен одговор и колку се мотивирани за да ги идентификуваат сите можни извори на грешка за потоа да ги тестираат и да ги елиминираат сите“, вели професорот по биохемија, Марк Вормалд.
2. Еве кактус. Кажи нешто за него
„На студентите им даваме кактус во саксија и фотографија од површинската структура на кактусот. Од нив бараме да го опишат предметот во колку што можат поголем детал користејќи го растението и фотографијата. Бараме набљудување, внимание кон деталите и во големи и во микро размери“, објаснува професорот по биолошки науки Мартин Спејт.
3. Бубамарите се црвени. А исто и јаготките. Зошто?
„Црвеното може да сигнализира или „немој да ме јадеш“ или „јади ме“ за потрошувачите. Ме интересира како кандидатите се обидуваат да го решат овој очигледен парадокс“, објаснува професорот по биолошки науки, Овен Луис.
4. Зошто еден студент по англиски би можел да биде заинтересиран за фактот дека улицата Коронација функционира веќе 50 години?
„Ова би можело да отвори дискусија за работи како што се техники на раскажување; мешање на хумористични и сериозни приказни/ликови; како писателот може да ги задржи гледачите и читателите; колаборативно пишување; употреба на серијализација и како писателите/текстовите може да се променат од популарни во канонски“, вели професорот по англиска книжевност, Лин Робсон.
5. Која личност од минатото би сакале да ја интервјуирате и зошто?
„Не е толку важно која личност кандидатот би сакал да ја сретне, туку за какви проблеми и теми кандидатот би сакал да дознае“, вели професорот по историја Иан Форест.
6. Што е јазикот?
„Студентите понекогаш велат дека сакаат да студираат шпански бидејќи 'го сакаат јазикот'. За да може студентот да размислува критички и аналитички, прашањето ќе ги натера да размислат што претставува јазикот во кој уживаат - дали е дефиниран со посебни карактеристики или функции?“, објаснува професорката по современи јазици, Хелен Свифт.
7. Ако можеш да измислиш нов музички инструмент, каков звук би произведувал?
„Заинтересиран сум за одговорите кои ќе покажат критична имагинација - каков вид на звуци произведуваат инструментите/гласовите сега, и како би можеле да бидат проширени/развиени? Дали постојат нови начини за производство на звук (дигитални медиуми) што го трансформираат начинот на кој го слушаме или разбираме звукот? Дали идејата за „инструмент“ на некој начин е застарена денес и дали можеме да замислиме повеќе симбиотички/хибридни начини на генерирање/доживување на музичкиот звук?“, објаснува професорот по музика, Дан Грими.
8. Еден експеримент покажува дека Велшаните се полоши во меморирањето на телефонските броеви од Англичаните. Зошто?
„Броевите се изговараат различно и се подолги на велшки отколку на англиски, а меморијата зависи од тоа колку лесно се изговараат зборовите. Се надевам дека студентот ќе ја открие оваа поврзаност помеѓу меморијата и тоа колку лесно се изговара зборот и како тоа се однесува на правописот и изговорот на велшкиот јазик наспроти англискиот јазик. Ова прашање е наменето намерно да биде провокативно, па се надевам дека студентите ќе откријат дека Велшаните не се едноставно помалку паметни од Англичаните“, вели професорот по психологија, Ник Јенг.