Остварувањето потомство е врвна цел на секоја брачна заедница и на секое општество. Зачнувањето и остварувањето потомство се покомплицирани отколку во изминатите времиња, како резултат на брзиот начин на живот, стресот и сѐ подоцното стапување во брак на брачните двојки. Фертилноста, како и сите животни функции, се нарушува со стареењето на организмот и се намалува со годините. Фертилноста кај жените веќе покажува промени по 35. година од животот, а драстично се менува веќе по 40. година.
Фертилноста кај мажите, исто така, се намалува со текот на годините, но побавно и во помал обем отколку кај жените.
Како и во бременоста така и пред зачнувањето често се користат суплементи, екстракти од некои традиционални билки, витамини и минерали. Тие помагаат многу во зголемувањето на фертилноста, а исто така и во одржувањето на бременоста. При недостиг на некои минерали и витамини во организмот и други суплементи, можни се проблеми во зачнувањето, во текот на бременоста, па дури и спонтани абортуси и компликации во текот на бременоста.
Една многу позната јужноамериканска билка која има докажано благотворно дејство врз фертилноста и сексуалниот живот и кај жените и кај мажите е билката Peruvian Maca. Нејзиното благотворно дејство врз плодноста и сексуалната функција е познато стотици години наназад меѓу јужноамериканските народи, а денес и во светот. Познато е дека маката го зголемува либидото и кај мажот и кај жената, ја намалува анксиозноста, ја зголемува енергијата, помага при еректилна дисфункција, прави баланс на хормоните во организмот и ја зголемува фертилноста. Сите овие благотворни дејства на маката се прикажани и во многубројни студии низ светот и маката денес е речиси редовен суплемент кој им се препорачува на брачните двојки кои патат од неплодност од страна на лекарите што лекуваат стерилитет. Таа се користи и во повозрасната доба, во перименопаузата и менопаузата и ги смирува и намалува менопаузалните симптоми, а позитивно влијае и врз меморијата. Маката како суплемент може да се користи во прав, таблети и капсули и веќе е широко распространета и се користи низ целиот свет.
Одредени витамини и минерали, исто така, имаат позитивно влијание врз фертилноста кај двата пола и се препорачуваат како пред зачнувањето така и во текот на бременоста кај трудниците. Тоа се Е-витаминот, селен, цинк, железо, јод, бакар, фолна киселина, витамин Д, витамини од групата Б и други. Понекогаш нивниот внес со исхраната не е доволен и се препорачува да се користат и суплементи, препарати со витамини и минерали како дополнување на исхраната, во кои се содржани оптималните потребни дневни дози од овие витамини и минерали како пред забременувањето така и во текот на бременоста. По зачнувањето и во текот на бременоста, при растот и развојот на плодот, потребите за некои витамини и минерали се повеќекратно зголемени.
Фолната киселина спаѓа во групата на Б-витамини и е потребна за раст и развој на плодот, за нервниот систем на плодот - развој на неврална туба, хематопоезата, спречувањето спонтани абортуси и за подобрување на циркулацијата. Потребните дневни дози на фолна киселина во текот на бременоста се околу 400 мцг и пожелно е со нејзината примена да се започне и неколку месеци пред забременувањето, во текот на целата бременост, а особено во периодот на органогенезата во првиот триместар од бременоста. Пожелни се препарати што содржат комбинација на фолна киселина и нејзината метилирана форма, бидејќи некои трудници не можат да ја конвертираат фолната киселина во нејзината активна метилирана форма и за нив е потребен внес на активната метилирана форма на фолна киселина. Една од најчестите тромбофилии која е причина за спонтани абортуси и неразвивање на плодот е поврзана со нарушувањето во генот за искористување на фолната киселина и нејзино претворање во активна метилирана форма.
Потребите за холин се зголемени во бременоста и плодот не може сам да го синтетизира, туку го добива од мајката. Поради тоа, постои потреба од зголемен внес на холин од страна на трудницата во бременоста за обезбедување доволни количини за фетусот. Тој учествува во метаболизмот на хомоцистеинот и е прекурзор за синтеза на фосфолипидите во клеточните мембрани. Неговата концентрација во постелката, амниотската течност и во плодот е неколку пати поголема отколку кај возрасниот организам.
Д-р Јорданчо Иванов
Пожелни се и препарати што содржат и јод, особено во почетокот на бременоста, кој е неопходен за правилно функционирање на тироидната жлезда и лачењето на хормонот тироксин, кој е неопходен за раст и развој на сите ткива во организмот и се зголемува неговото лачење во текот на бременоста. Недостигот на јод и тироидни хормони во бременоста може да предизвика невролошки и интелектуални нарушувања кај плодот.
Преостанатите витамини од групата Б се неопходни во текот на бременоста за сите зголемени метаболни процеси, ензиматски процеси и раст и развој на плодот. За делбата на клетките, создавањето и развојот на ткивата и органите кај фетусот, потребен е зголемен внес на витамин Б12, кој учествува во синтезата на ДНК и делбата на клетките, хематопоезата и невролошкиот развој, како и на витамините Б1, Б2, Б6, ниацин и биотин. Витамин Ц е неопходен за растот на клетките и создавањето колаген, циркулацијата, имунитетот и хемостазата кај плодот и мајката. Витаминот Е ја подобрува циркулацијата кај мајката и плодот и одржувањето здрави крвни садови. Витаминот Д учествува во метаболизмот на калциумот и фосфорот, за одржување здрав коскен систем кај мајката, како и во осификацијата и развој на коскениот систем кај плодот. Магнезиумот, исто така, учествува во изградбата на коскениот систем, мускулниот систем, метаболизмот на јаглехидрати и има тонизирачко дејство врз мускулите на матката и крвните садови кај трудницата, а дневните потреби во бременоста се околу 300 мг. Минералите цинк и селен, исто така, учествуваат во сите оксидативни процеси во растот и развојот на плодот и зголемени се потребите од нив во текот на бременоста.
Во вториот и третиот триместар за нормален раст и развој на плодот, позитивни се и додатоци и суплементи на лутеин и на омега-3 масни киселини (ДХА), како поддршка за развој на мозокот на фетусот и сетилото за вид - окото.
Потребите за железо се и до десет пати зголемени во текот на бременоста и се зголемуваат со напредување на бременоста. Во првиот триместар дневните потреби од ресорбирано железо се околу 1 мг, додека во третиот триместар со растот и развојот на плодот се зголемуваат и до 8-9 мг на ден. Железото учествува во хематопоезата и создавањето на хемоглобинот во еритроцитите, што е основа за пренесување и збогатување со кислород на ткивата и органите кај плодот, кој се зголемува со развојот на фетусот. Исто така, учествува и во хематопоезата и кај трудниците, кои во текот на бременоста поради зголемените потреби од железо при развојот на плодот, многу често страдаат и од анемија.
Постојат препарати кои содржат хем-железо или т.н. органско железо кое како комплекс подобро се ресорбира и искористува во организмот на трудницата и нема несакани ефекти. Не-хем железото е неорганско чисто железо кое многу помалку се ресорбира и искористува во организмот и има повеќе несакани ефекти, како гадење, повраќање, проблеми со столицата. Поради тоа, препарати кои содржат хем-железо или органско железо се одлични за користење во текот на бременоста.
Железото мора да продолжи да се внесува и по породувањето и за време на доењето, поради крвавењата во текот на породувањето и лачењето во млекото, кое е главна храна за новороденчето. За превенирање и лекување на анемијата кај трудниците, покрај железо неопходни се и фолната киселина, витамин Б12 и витамин Ц.
Квалитетните додатоци од минерали и витамини го одржуваат здравјето на трудницата, ги намалуваат компликациите во бременоста и го помагаат правилниот раст и развој на плодот, за раѓање здраво потомство. При изборот на препарати што се користат во текот на бременоста, секогаш консултирајте го вашиот гинеколог и внимателно одбирајте препарати кои ги содржат погоре споменатите витамини и минерали, неопходни за вашето здравје и за растот и развојот на вашето новороденче.
Автор: спец. гинеколог-акушер д-р Јорданчо Иванов
КБ „Аџибадем Систина“