X
 13.07.2017 Здравје

„Докторе, сакам царски рез“

Како да се донесе бебето на свет, дали природно или со царски рез? Оваа дилема измачува многу од бремените жени, кои во последните години знаат да влијаат врз одлуката на лекарите за тоа како ќе се породат. Во Македонија со царски рез се раѓаат и по 35 отсто од бебињата, што во светски рамки се смета за висок процент.



Фото: Pixabay

Дел од овие операции, според лекари, може да се избегнат. Меѓутоа, бремените жени често се неподготвени за природно породување. Причината за тоа, велат лекарите и психолозите, лежи во недоволната комуникација лекар-пациент, во недостигот на сексуално образование уште од мали нозе, но и во застрашувачките приказни што се шират меѓу жените за тоа како се измачиле на породувањето.

На социјалните мрежи, особено во групите во кои членуваат само жени, се отвораат широки дебати, а често и остри расправии, дали е оправдано бремената да бара царски рез само од страв од породилните болки. Жените знаат и да мерат која е поголема херојка според тоа како се породила, иако, велат лекарите, тоа е повеќе од бесмислено. Секое породување може да е ризично, секое породување е своја приказна, меѓутоа, се заборава дека царскиот рез е операција која со себе носи повеќе ризици и бара подолго закрепнување.

Драгана О. објаснува дека првото бебе го родила природно, а второто со царски рез и дека во никој случај не треба да се инсистира на операција.

- Операција се прави само ако лекарот одлучи дека така е побезбедно за мајката и за бебето. Закрепнувањето после царски е подолго и помачно. По операцијата имам и сраснувања во стомакот кои знаат да ми прават болки. Страшно е инсистирањето да се прави царски без медицинска причина, а може да бара само некоја што не почувствувала како е после царски – вели таа.

Меѓутоа, не може да убеди група жени кои веруваат дека ќе поминат полесно со операција.

- Поради епизиотомија (рез за бебето полесно да излезе) на претходното породување не можев да седнам две недели, се мачев со болки и ме убедувате дека болело после царски. Не, ќе се породувам со операција. Другарка ми трпеше породилни болки 20 часа и пак заврши на царски. И што? Вака ќе си ги скратам маките и ќе инсистирам за операција – коментира Александра С..

Сериозна операција

Д-р Душко Филиповски, гинеколог и претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека царски рез е акушерска операција при која со сечење на стомачниот ѕид на матката на бремената жена се вади плодот, во период од бременоста кој овозможува преживување на новороденчето.


Д-р Душко Филиповски, гинеколог

- Секако дека како сериозна акушерска операција со себе носи и ризици и компликации, а понекогаш и непосакуван исход. Ако е направена врз основа на оправдано поставени индикации (причини), во современи услови, со соодветна предоперативна подготовка, со соодветна хируршка техника, анестезија и постоперативен надзор, царскиот рез во одреден број случаи го спасува животот на детето и на мајката - вели д-р Филиповски. Царскиот рез може да биде итен, а за него е оправдано да се направи веднаш и е единствено решение. Може да биде и планиран, или, како што велат лекарите, елективен, поради индикации кои можат да бидат апсолутни, релативни и проширени.

Царскиот рез е една од десетте најчести големи операции, а за тоа колку често се прави има видни разлики во разни региони во светот и институции во кои се врши.

- Зачестеноста на овој оперативен зафат во последните 50 години е енормно зголемена и сега изнесува од 10 до 25 отсто од породувањата. Во нашата земја овој процент е значително поголем и изнесува од 25 до 35 отсто од сите породувања, зависно од регионот и институцијата. Во светски рамки, процената е дека секоја бројка над 12 до 15 отсто породувања со царски рез не се базира на апсолутни и релативни индикации за оваа операција, ами на проширени индикации, како и на желбата на пациентката како индикација – вели д-р Филиповски.

Битна е подготовката

Желбата на бремената за царски најчесто е поврзана со тоа што не е подготвена или не сака да ги поднесува породилните болки и да биде во просторија (родилна сала) каде што би била изложена на психичките оптоварувања што ги носи таа средина.

- Во таа смисла, значајна е улогата на лекарот кој ја следи бременоста и ја подготвува за актот на породување, како и нејзината посета на советувалишта кои ги има во повеќето центри во државата. Желбата на бремената жена за породување со царски рез медицински не е оправдана, иако од правен аспект можеби е поинаку и може да се земе како индикација – објаснува докторот.

Тој смета дека е важно и неопходно да ѝ се објасни на жената дека секој оперативен зафат носи со себе ризици од несакан исход (дури и при најлесните операции, ако има такви), потоа за можноста за компликации во текот на самата операција, во првите часови и денови по операцијата, како и за постоперативните доцни компликации кои некогаш се такви што мора да се отстранат со друг оперативен зафат или да останат како трајни последици.

Обезболувања за полесно природно раѓање

- Доколку лекарот што ја следи бременоста или хирургот навреме разговара со бремената и ѝ ги појасне овие можни компликации (кои се многубројни), мислам дека барем половината од бремените што сакаат да се породат со царски рез ќе се премислат. Мислам дека е особено важно на жената да ѝ се објасни дека е точно оти породилните болки се меѓу најјаките болки во медицината, но дека тие се губат веднаш штом го види и чуе своето бебе како заплакува, а особено кога ќе го гушне – вели д-р Филиповски.

Во денешни услови, потенцира тој, постојат современи и безопасни методи на анестезија и аналгезија (обезболување) кои го прават породувањето прифатливо без потреба од царски рез.

- Важна е и состојбата во првите 6 недели по породувањето. Во тој период мајката му е најпотребна на бебето, кое е беспомошно. Ако породувањето е завршено со царски рез, тогаш и мајката е таа на која ѝ се потребни помош и грижа, па и да сака, не ќе може целосно да му се посвети на своето бебе – додава докторот.

Недостига сексуална едукација

Психологот Мирјана Стојановска-Јовановска вели дека многу работи што ги овозможува цивилизацијата знаат да нè оддалечат од нашата вистинска природа.

- Телото на жената е природно приспособено за таа да биде бремена, да се породи. Додека расте во телото на мајката, матката е природна средина за бебето и најнормално е да излезе низ родилниот канал. Царскиот рез е за да се спасат жени и деца кога има компликации при раѓањето. Кога без медицинска причина се прави ваква операција, непотребно се повредуваат делови од телото и се создаваат ризици. Зошто тогаш да се инсистира на неа? - вели Стојановска-Јовановска.

Желбата на жените за царски рез, кога за тоа нема медицински оправдана причина, според нашата соговорничка, покажува дека имаме недоволно сексуално образование.

- Сексуалната едукација значи информации со кои жената ќе биде свесна за сопственото тело и за неговите можности. Таа значи постепена подготовка за чинот на породување, развивање на самосвеста, со што таа ќе знае да се справи со себе и со стравот. Не е логично жените да бидат исплашени од бебето што го носат во себе – вели Стојановска-Јовановска.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје