Копел и Томсон ја опишале оваа појава уште во далечната 1959 година, а денес веќе се напишани повеќе од 100 статии за истата.
Невропатијата на супраскапуларниот нерв денес сè почесто се препознава како причина за синдром на болно рамо, особено кај одбојкарите, поради репетитивниот маневар при сервирање. Иако е признат и добро познат клинички ентитет, ова е релативно ретка причина за болка во рамото и субјективна слабост кај спортистите, особено одбојка и бадминтон. Често поради неуспехот во неоперативниот третман, во кој се активно вклучени модификација на активноста, одмор, аналгетици и програма за рехабилитација над 6 месеци, операцијата е понекогаш неопходна, односно декомпресија (ослободување) на супраскапуларниот нерв.
Супраскапуларниот нерв претставува мешовит периферен нерв, што произлегува од горното стебло на брахијалниот плексус, кој е формиран од корените на C5 и C6 вратни нерви. Поминува најпрво странично, длабоко до трапезиусот и омохиоидните мускули, а потоа го минува супраскапуларниот засек или инцизура, инервирајќи го супраспинатусниот мускул и дава променливи артикуларни и сензорни гранки, пред да помине околу страничната граница на скапулата, низ спиногленоидот засек, за инервирање на мускулот инфраспинатус.
Убедливо најчеста причина за супраскапуларна невропатија е трауматска повреда, со фрактури на скапулата, како и дислокација на проксималниот хумерус (надлактица) и рамото, опфаќајќи го најголемиот дел од случаите.
Покрај тоа, прекумерна употреба се јавува често како механизам на повреда на нервот. Лезии кои го зафаќаат инервационото подрачје, како што се тумори, ганглии и хематоми, се причина за нервна дисфункција, иако постои и етиологија која најчесто останува идиопатска.
ДИЈАГНОСТИКА
ЕМГ и МРИ се најчесто користените дијагностички методи за потврда на дијагнозата. ЕМГ студиите досега покажаа зголемена спонтана активност, фибрилации и позитивни остри бранови и кај двата мускула еднакво, supraspinatus и infraspinatus. МНР може да покаже присуство на простор-окупирачка лезија околу супраскапуларниот нерв, или да исклучи други случајни лезии на рамото, како што се кинење на ротаторната манжетна. Ганглиом се чини дека е најчестата лезија која може да предизвика невропатија на супраскапуларниот нерв. Други лезии кои зафаќаат простор како липомите се многу многу ретка појава.
ТРЕТМАН
Почетниот третман вклучува модификација на активност, одмор, аналгетици и детална програма за рехабилитација во текот на 6 месеци. Доколку овие опции на третман не го добиваат посакуваниот ефект, и спортистот сѐ уште се жали на болка, тогаш во преден план доаѓа и оперативна интревенција, односно декомпресија или невролиза на афектираниот нерв.
Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина, специјализант по ортопедија