X
 11.02.2020 Култура

Борбата со „Американска фабрика“ е како меѓу пиле и гризли-мечка, вели продуцентот на „Медена земја“

- Грешни-негрешни, јас ќе ги вратам, „Медена земја“ сè ќе ви прости – со овие стихови Атиџе ја поздрави македонската нација на онлајн прес-конференцијата што утрово се одржа со екипата на филмот.
- Не сме разочарани што не добивме „Оскар“. Подобро е две номинации отколку еден „Оскар“ - рече продуцентот Атанас Георгиев и им се заблагодари на медиумите за целата поддршка.



Возбудени и презадоволни од самата церемонија и нивниот прием во Лос Анџелес, авторите споделија дека добиле суперреакции од многу релевантни луѓе од филмскиот свет. Големи поддржувачи на екипата беа Хоакин Феникс, Тод Филипс (режисерот на „Џокер“), Роберто Прието (кинематограферот на Мартин Скорсезе) и многу други.
- Добро ми беше на „Оскарите“. Мене најмногу ми се допадна водата, океанот што го видов. Но, сакам што побрзо да им се вратам на пчелите, тие сега спијат, ама пак не можат без мене. Сакам да ги ѕирнам малку. Сакам да ми останат во Бекирлија, оти таму е поприродно отколку во Дорфулија - рече Атиџе.

За режисерката Тамара Котевска, „Оскарите“ биле вредни да се доживеат, истакнувајќи дека ваков успех нема да се повтори наскоро.
- Апсолутно не сме разочарани. Срамота е да сме разочарани. На авторите на „Американска фабрика“ ова им е четврта номинација. Тие се страсни документаристи и според мене, „Оскарот“ го добија поради нивното дело, не само за конкретниот филм. И тоа е многу важно да се знае оти очигледно политиката на „Оскарите“ е многу сменета. Не би било фер да зборуваме од позиција на жртва. Можеме многу да научиме од Рајхарт и од Богнар - вели Котевска.



Повеќето од номинираните филмови за документарци се корежирани и тоа е голема промена за која треба да се зборува, категорична е таа.

- Жените што јас ги запознав беа навистина за пример, имаше мајка со две деца што снимала во војна, до Јулија која е болна од рак и го сними филмот, жена што се бори против режимот во Бразил. Тоа се неверојатни личности и не би го препишала на тоа дали се жени или не. Тоа се храбри луѓе што направиле храбри чекори – вели Котевска.

Повикувајќи се на изјавата на Бред Пит дека документаристите се како глутница волци кои се држат многу силно, на прашањето на Факултети.мк што е тоа што ги прави така, Котевска одговори:

- Има разлика кога правите приказна за реални ликови и кога имате измислени ликови. Во нашиот случај одговорноста е многу поголема и тие ликови не си заминуваат од вашиот живот. Едноставно, сите документаристи што годинава ги запознавме имале такви животни ситуации, што ги прави да се солидарни. Имаше преубав момент пред да ги најават номинациите на „Оскарите“. Седевме сите заедно и сите станавме, се договоривме со тимот на „За Сама“ дека доколку некој од нас добие, на сцена ќе излеземе сите. Но, организацијата на „Оскарите“ не го дозволуваше тоа. И Џулија Рајхарт („Американска фабрика“) во говорот нѐ спомена. Тоа беше навистина колегијално.

Режисерот Љубо Стефанов изјави дека се радува што во целиот проект влегле крајно ентузијастички и дека со добра идеја и ентузијазам стигнале до двете номинации.
- Атиџе и семејството на Хусеини се соголија пред нас, тие ни дозволија да влеземе во нивниот свет, да видиме раѓање, смрт, карање, тепање и сè што има и што нема во филмот. Ние разбираме дека јавноста е среќна за успехот, но сакаме да имате предвид дека ова се реални ликови со реални животи. Едвај чекам да почнам да работам нов проект. Секако дека овие номинации носат олеснувања и за наоѓање копродуценти. Најважно е да си го спремам добро домашното, па да им го понудам на продуценти. Веројатно сега имам поголеми шанси - објаснува Стефанов.



Георгиев од целото искуство со „Медена земја“ научил дека никогаш не треба да се откажуваме од соништата.
- Имало неколку ситуации кога сум сакал да се откажам од правење филм. Мене ми е многу значајно што овој филм произлегува од индивидуалци и упатува универзална порака. Ги сменивме историјата и начинот на гласање на Академијата. Документаристиката отсега натаму ќе се гледа со други очи. Иако не го добивме „Оскарот“, двете номинации се огромен успех и сè повеќе луѓе ќе го видат филмот, а за секој автор тоа е најважно.

За директорот на фотографија Фејми Даут, „Оскарите“ биле посебно искуство, нешто за што сонувал 20 години, колку што се занимава со оваа професија.

- Тврдам дека еден човек да недостигаше во оваа екипа, филмот немаше да изгледа вака. Ако ни се вклопат календарите за наредни проекти, можеби пак ќе работиме заедно. Убаво е да се патува, да се учествува на вакви настани, ама едвај чекам да си ги видам децата. Јас си имам два Оскари дома – вели Даут.
Директорот на фотографија Самир Љума истакна дека уживал на црвениот тепих и дека во изминатите две недели имал можност целосно да ја почувствува магијата на подготвување на „Оскарите“.

- По номинирањето за достигнувања во кинематографијата заедно со Фејми од Американската асоцијација на кинематографери сме во Лос Анџелес и имавме можност да го почувствуваме духот на „Оскарите“ уште во подготовките, имавме средба со членови на Академијата. Неописливо е чувството кога ќе нè запознае некој и кога ќе им кажеме дека сме работеле на „Медена земја“. Бевме рамо до рамо со големи ѕвезди за кои не сум можел ниту да сонувам дека ќе бидам. Нивната реакција е фантастична, реакцијата дека Атиџе е на црвениот тепих исто така. Многу ѕвезди сакаа да се сликаат со неа - вели Љума и додава:

- Јас се надевам дека нема да поминат уште 25 години за некој да направи друго дело што ќе биде препознаено од светот!

На прашањето што беше пресудно „Американска фабрика“ да добие „Оскар“ – дали квалитет или можеби тоа што приказната е американска, Георгиев одговори дека станува збор за одличен филм.

- Филмот има свои квалитети, исклучителна приказна, значајна за целиот свет исто така. Но, тоа е исто како едно пиле да се бори со гризли-мечка. Сепак, зад тој филм стои „Нетфликс“ и новата продукција на Барак и Мишел Обама. Академијата, колку и да има голем број членови што сакаат да гласаат објективно, сепак, најголемиот број се Американци и националниот момент победува. Не треба да истражувам премногу за да знам дека кај поголемиот дел на електоратот темата влијаеше за да го гласаат. Не знам како сме со бодови, но јас сум сигурен дека бевме многу блиску до нив. Но, тоа е тоа, не е некој голем проблем - смета Георгиев.



Фото: МИА
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура