X
 11.02.2020 Живот

Првата населба во Данска што ќе биде целосно изградена од дрво

За новиот кварт во Копенхаген, кој целосно ќе биде изграден од дрво, планирано е природно живеалиште што поттикнува подобар развој на растителни и животински видови.

Проектот „Фаеледби“ ќе се изгради на периферијата на Копенхаген, на место на сегашна депонија. Tука треба да живеат околу 7.000 луѓе. Проектот го потпишува архитектонската фирма „Хенинг ларсен“ во соработка со инженери и биолози од компанијата Ем-о-и, со заедничка цел да се покаже дека современиот концепт за домување истовремено може да биде и еколошки, но и да ги задоволи потребите на луѓето, животните и природата. „Фаеледби“ претставува предлог за станбена шема што природата ја поставува во својата срцевина.

Освен употребата на дрво како главен градежен материјал, се очекува 40 отсто од локацијата да бидат отворен простор за развој на растенијата и животните.

1
Фото: Henning Larsen

- Новиот кварт во Копенхаген не само што ќе биде првата населба што целосно ќе биде изградена од дрво туку ќе има и природно живеалиште што поттикнува подобар развој на растителни и животински видови. Создадовме населба каде што биодиверзитетот и активната рекреација го дефинираат одржливиот пакт помеѓу луѓето и природата - објаснува архитектот Сигне Конгебро од „Хенинг Ларсен“.

Една од главните цели на проектот е да се намалат емисиите на СО2, така што освен употребата на дрво како главен градежен материјал, се предвидува и 40 отсто од локацијата да бидат разновиден отворен простор. Ќе содржи многу паркови што треба да поттикнат дополнителен развој на растенија и одредени видови животни, како птици, лилјаци и пеперутки. Секој од трите дела на населбата ќе содржи централно поставена водена површина за да се овозможат услови за живот на жаби и дождалци.

- Како и традиционалната рурална населба, мастер-планот на овој проект стои во отворен природен пејзаж. Ваквиот концепт дава можност за создавање опкружување што на уникатен начин е чувствително на одржливоста и приоритетите на природата - додава Конгебро.

2
Фото: Henning Larsen

Естетика на градот и на селото


Проектот, кој ќе биде на површина од 18 хектари, всушност е победничкото решение на националниот натпревар организиран од компанијата за продажба на недвижности „Бај & Хавн“.

Проектот ги спојува естетиката на данскиот урбанизам со руралните топологии настојувајќи да го надополни урбаниот пејзаж.

Во новата населба се препознава потенцијалот за создавање простор за младите генерации кои се стремат нивниот дом да биде во хармонија со природата.

Извор: Dezeen.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот