Врховниот суд на Австралија одлучи Aбориџините да не можат да бидат депортирани, дури и да не се родени на австралиска територија и да не поднеле молба за австралиско државјанство, пишуваат британските медиуми.
Одлуката на највисокиот суд е многу важна за сите претставници на домородното население во Австралија, кое денеска е малцинство во земјата.
Конзервативната влада во Канбера во последно време презеде чекори за депортирање на стотици осудени странци.
Судскиот предмет против оваа практика го поднесоа Даниел Лав, државјанин на Папуа Нова Гвинеја, и Брандан Томс, државјанин на Нов Зеланд, кои се родени во странство, но најмалку еден од нивните родители е член на домородното население.
И двајцата уште од мали живеат во Австралија, со документи за постојан престој, но досега не поднеле молба за австралиско државјанство.
Адвокатката на двајцата побара Томс да биде ослободен од центарот за бегалци, каде што е држен против својата волја веќе една година, додека течеа роковите во процесот за негово депортирање.
Судот одлучи дека за наследниците на домородното население на Австралија не важат имиграциските закони на земјата.
Ова е прва одлука во историјата на највисокиот суд во земјата што се однесува на прашањето дали владата има право да депортира наследници на домордното население.
Абориџините живеат на австралискиот континент цели 60.000 години, а сегашниот Устав на Австралија е од 1901 година.
Извор: МИА