X
 09.11.2017 Култура

Камена доба во 21 век - запознајте го најизолираното племе во светот

Тие живеат во мали заедници и го убиваат секој што ќе им се приближи. Не знаат за земјоделство, за металите... дури ни како да запалат оган.

Северен Сентинел е дел од Андаманскиот Архипелаг во Бенгалскиот Залив. Овој остров е дом на најизолираниот народ во светот. Племето го нарекуваат Сентинел според островот затоа што никој не знае како тие самите се нарекуваат, ниту пак за нив има некакво име дадено од соседите.

Формално, островот за кој се претпоставува дека е населен веќе 60.000 години ѝ припаѓа на Индија, но таа држава го користи својот суверенитет само за да обезбеди изолација. За жителите не се знае речиси ништо. Многумина се обиделе да комуницираат со нив, но сите потенцијални посетители што Индија не ги протерала биле протерани од домородците, кои не сакаат никаков контакт со странците. Се проценува дека на островот живеат од 50 до 400 луѓе. Го напаѓаат секој што ќе им се приближи.

Она што се знае е дека Сентинелите се единственото преостанато преднеолитско племе во изолација. Сите други примарни цивилизации на светот барем „стапнале“ во помлада камена доба, но не и тие.

Се верува дека тие се потомци на првите луѓе што ја напуштиле Африка и живеат во ловечко-собирачки заедници. Никогаш не развиле каков било облик на земјоделство. Не постојат докази дека знаат да запалат оган, туку исто како и нашите предци, ревносно го чуваат огнот запален од гром со помош на жар и смола.

Другите племиња од Андаманските Острови кои изумреле претходно, поради болести или други проблеми, се отвориле кон модерната цивилизација. Преку нив и се формираат заклучоците за Сентинелите.

На пример, ДНК-анализата потврдила дека се работи за црна раса, но не се во никакво сродство ниту со африканскиот ниту со австралискиот тип. Се покажало дека јазиците на племињата на соседните острови целосно се разликуваат и меѓусебно се неразбирливи, а сите обиди на лингвистите да ги поврзат со познатите јазици се неуспешни. Затоа се претпоставува дека во последните 60.000 години сите тие јазици се развивале независно еден од друг. За илустрација, пред само десетина илјади години нашите предци говореле ист јазик како и предците на Индијците или Иранците.

Ретките етнолози на кои им било дозволено да го посетат островот се обиделе да стапат во контакт со Сентинелите, но без успех.

Индискиот етнолог Трилокнат Пандит во 1990 година им оставил кокоси, ножеви, облека, огледала, а во една пригода и жива свиња. Сентинелите ја заклале и ја закопале во песокот. Другите подароци ги игнорирале. „Седнаа преку рабовите на чамците и ни го завртија грбот, со задниците преку рабовите, како да вршат голема нужда, јасно покажувајќи дека не сме добредојдени“, ја опиша Пандит средбата.

Можеби и најдоброто е што ги игнорирале. Двајца, најверојатно пијани рибари, кои залутале во нивните води приближувајќи се кон островот, не поминале така добро. Сентинелите ги убиле. Кога индиската крајбрежна стража се обидела да ги извлече телата, хеликоптерот бил нападнат со копја и стрели, па екипажот се откажал, не сакајќи да влегува во конфликт со древниот народ. Од тој инцидент и потекнува единствената фотографија на ова необично племе, снимена од воздух.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура