X
 11.02.2022 Живот

Коалата стана загрозен вид

Австралиската влада официјално ја наведе коалата како загрозен вид по падот на нејзиниот број поради расчистувањето на земјиштето и катастрофалните шумски пожари, кои го намалија нејзиното живеалиште.

Министерката за животна средина Сузан Леј ја прифати препораката на научниот комитет за загрозени видови дека на популациите на коала во Квинсленд, Нов Јужен Велс и Австралиска Престолнинска Територија треба да им се подобри статусот на зачувување.

Ова доаѓа откако владата на Морисон минатиот месец одобри 50 милиони долари за помош на овој вид животно. Финансирањето беше поздравено од еколошките групи, но беше опишано како „капка во океанот“, доколку не се решат основните причини за падот на видот.

- Ја зголемувам заштитата на коалите во Нов Јужен Велс, Австралиската Престолнинска Територија и Квинсленд, наведувајќи ги како загрозени наместо нивната претходна ознака на ранливи - изјави Леј.

- Влијанието на продолжената суша, летните шумски пожари и влијанијата од болестите, урбанизацијата и губењето на живеалиштата во изминатите дваесет години доведоа до ова - додаде таа.

Групите за животна средина долго време тврдат дека статусот на зачувување на коалата треба да се надгради.

koala
Фото: Freepik

- Тоа е шокантно брз пад за едно од најпознатите животни во светот. Статусот загрозен е мрачна, но важна одлука на министерката. Сè уште има време да се спаси овој вид. Ни требаат посилни закони и стимулации на сопствениците на земјиште за да ги заштитиме нивните шумски домови - велат групите за животна средина.

Планот за закрепнување ги поставува клучните закани за коалата и активностите потребни за да се спречи нејзино истребување.

Таквиот план беше идентификуван според националните закони за животна средина како услов за видот во изминатите 10 години, но ниту една австралиска влада не го разви.

Потребна беше катастрофата од летните шумски пожари за да поттикне консултации за нацрт, со финалната верзија доставена до министерот кон крајот на минатата година.

Откако ќе се усвои планот за закрепнување, министрите се законски обврзани да не носат одлуки што не се во согласност со него, но владите немаат обврска да го спроведат планот.

Коалата е под повеќе закани, вклучувајќи болести, глобално загревање и расчистување на нејзиното живеалиште за развој.

Во 2020 година парламентарната истрага на Нов Јужен Велс покажа дека видот ќе исчезне во оваа држава до 2050 година, освен ако владите не преземат итна акција за да го заштитат неговото живеалиште и да го свртат падот.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот