Со над 1.000 дрвја и 20.000 растенија висококатницата „Урбана шума“ ќе може да се пофали со повеќе дрвја од најблискиот парк во Бризбејн, Австралија.
Тоа ќе биде една од најгусто пошумените згради во светот, прекриена со зеленило од страна на дизајнерите од „Коичи Такада Архитектс“ и, под претпоставка дека сѐ ќе се одвива според планираното, ќе се пофали со одржлива технологија, како соларна енергија и собирање на дождовницата.
„Урбана шума“ ќе има 30 ката и вкупна површина од 55.000 квадратни метри, со 382 стана.
Висококатницата ќе се издигне на големи столбови замислени како стебла на дрвја. Просторот на приземјето ќе служи како мал јавен парк што ќе се протега на 1.642 квадратни метри. На
покривот ќе има двокатна градинарска област за жителите.
- Вертикалното засадување е дел од новото движење што архитектите го користат за да ги вратат зеленилото, биодиверзитетот, кислородот и придобивките од менталното здравје во градовите со голема густина. „Урбана шума“ ќе има 1.000 дрвја и повеќе од 20.000 растенија од 259 автохтони видови. Ова е петпати повеќе од бројот на дрвјата во најблискиот парк - велат од компанијата.
Формата на висококатницата е дизајнирана така што максимално да се искористи природната светлина, додека зеленилото ќе обезбеди дополнителна изолација. Другите одржливи функции што висококатницата ќе ги има вклучуваат соларни панели, дождовница и употреба на рециклирани и одржливи материјали.
Проектот чека дозвола за планирање.
Извор:
Newatlas.com
Фото: Binyan Studios