X
 11.03.2020 Наука

Што значи името Ковид-19?

Ковид-19 е високо заразна респираторна болест предизвикана од нов коронавирус. Болеста беше откриена во Кина во декември 2019 година и оттогаш почна да се шири низ целиот свет.

Од каде доаѓа името Ковид-19?


Ковид-19 е името на новооткриената болест. Вирусот и болеста првпат биле откриени во Вухан, Кина, на 31 декември 2019 година. Од почетокот на март 2020 година се прошири во над 60 земји низ целиот свет.

Ковид-19 е кратенка од „Corona Virus Disease 2019“, односно коронавирус болест 2019.

Додека болеста на коронавирусот популарно се нарекува само коронавирус, коронавирусот всушност се однесува на големо семејство вируси кои можат да предизвикаат заболувања кај луѓето и животните. Некои од овие болести се ретки, но сериозни респираторни инфекции, вклучувајќи ги и МЕРС, САРС и најновооткриениот Ковид-19.

Светската здравствена организација смета дека е многу важно името на болеста.

Тедрос Адханом, генерален директор на СЗО, изјави дека СЗО имала на ум да спречи „стигматизирачки“ имиња.

- Да се има име е важно во спречувањето на употребата на други имиња што може да бидат неточни или стигматизирачки. Исто така, ни дава стандарден формат за употреба на какви било идни појави на коронавирус - изјави тој.

- Според договорените упатства помеѓу СЗО, @OIEAnimalHealth и @FAO, моравме да најдеме име што не се однесува на географска локација, животно, индивидуа или група на луѓе, и име што лесно се изговара, а е поврзано со болеста - изјави СЗО на својот твитер-профил.

Според експертите, името на болеста е важно за време на појавата на болеста. Затоа е важно болеста да не се именува по земјата на потекло. Луѓето имаат тенденција да мислат на болеста како припадност и карактеристика на некои групи луѓе поврзани со името на местото, што е навистина стигматизирачко.

На 11 февруари 2020 година Светската здравствена организација официјално го именуваше овој нов коронавирус како Ковид-19. Ковид е кратенка за коронавирус болест. Бројот 19 се однесува на фактот дека болеста првпат беше откриена во 2019 година, а проширувањето се случи во 2020.

Техничкото име на вирусот што предизвикува Ковид-19 е тежок акутен респираторен синдром на коронавирус 2 - SARS-CoV-2. Ковид-19 е генски поврзан, но не е ист со вирусот на САРС. САРС е посмртоносен од Ковид-19, но помалку заразен.

Коронавирусите содржат РНК и се сферични. Под микроскоп, се чини дека вирусите се опкружени со шилци што изгледаат како круна, па и оттука е името коронавирус.

Се верува дека изворот на новиот коронавирус е од животно. Вирусот се шири преку капки од устата и носот на човек со Ковид-19 по кашлање, кивање или издишување.



Другите луѓе можат да се заразат од вирусот преку вдишување на овие капки или во контакт со површини на кои ги има капките (на пример, допирање на некој предмет и потоа допирање на делови од лицето).

Затоа е важно често да ги миете рацете, за да го намалите ризикот од ширење или заразување со вирусот.

Честите симптоми на Ковид-19 се висока температура, проследена со сува кашлица, главоболка, мускулна болка и замор, вели СЗО. По една недела настапува недостиг на здив, а кај некои пациенти е потребно болничко лекување. Периодот на инкубација - помеѓу заразувањето и појавата на какви било симптоми - трае до 14 дена. Но, некои истражувачи велат дека тој може да трае дури 24 дена.

Извор: Dictionary.com | Express.co.uk
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука