X
 30.10.2020 Здравје

Некои пациенти заболени од Ковид-19 имаат автоантитела што го напаѓаат телото наместо вирусот

Некои луѓе што ја прележале болеста Ковид-19 покажуваат знаци дека нивниот имунолошки систем го напаѓа телото, што потсетува на болести како лупус или ревматоиден артритис, покажува ново истражување.

Кај овие пациенти во одреден момент одбранбениот систем го напаѓа самото тело наместо вирусот. Притоа, пациентите произведуваат молекули наречени автоантитела, кои се насочени кон напаѓање на генскиот материјал од човечките клетки наместо од вирусот.

Оваа „грешка“ во имунолошката реакција може да доведе до влошување на ситуацијата и може да биде објаснување за пациентите што долго време се лекуваат од Ковид-19 и имаат здравствени проблеми со месеци по „оздравувањето“. Нема лек за оваа состојба, но постојат третмани што може да ги намалат симптомите.


Фото: Pixabay

Резултатите од истражувањето биле претставени минатата недела, но сè уште не се објавени во научно списание. Некои експерти велат дека откритието не изненадува бидејќи други вирусни заболувања на сличен начин предизвикуваат појава на автоантитела.

Како што објаснува Акико Ивасаки, имунолог од Универзитетот „Јејл“, оваа состојба може да се јави дури и кај случаи со умерени и слаби симптоми.

Вирусните болести предизвикуваат умирање на заразените човечки клетки. Понекогаш клетките експлодираат при умирањето, исфрлајќи ја својата утроба, а тоа може да предизвика и расфрлување на ДНК. Во типичната реакција на вирусот клетките познати како Б-имунолошки клетки создаваат антитела што ги препознаваат парчињата од вирусната РНК и се закачуваат на нив.


Фото: Pixabay

Но во случајот со лупусот и други слични здравствени состојби, некои Б-клетки никогаш не учат да го прават тоа и наместо тоа произведуваат автоантитела, кои ДНК-остатоците од мртвите човечки клетки погрешно ги сметаат за натрапници. Нешто слично може да се случи и кај пациенти со Ковид-19, според истражувањето.

Истражувањето било спроведено на 52 пациенти што имале тешки или критични симптоми на Ковид-19, а немале автоимуни нарушувања во минатото. Кај над 70% од најкритичните пациенти биле пронајдени автоантитела што напаѓале човечки клетки наместо вирусот. Некои од автоантителата што биле идентификувани се поврзани со проблеми со крвотокот, велат истражувачите. Оваа здравствена состојба може да биде постојана бидејќи нема лек за болести како лупусот.

Автор: Апурва Мандавили
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје