X
 11.03.2020 Здравје

Сите се надеваат дека топлото време ќе го запре коронавирусот. Дали навистина ќе биде така?

Уште во раните денови на епидемијата на Ковид-19 често се слушаа пораки на надеж и уверување дека вирусот може да исчезне со доаѓањето на топлото време, како што е случајот со другите сезонски заболувања, на пр., грипот и настинките.

Овие очекувања се темелат на сезонската карактеристика што ја имаат некои вируси. Но, експертите предупредуваат дека не треба да сметаме на тоа поради повеќе причини.

Накратко, засега не знаеме доволно за да бидеме сигурни или со голема веројатност да очекуваме дека топлото и суво време значително ќе го потисне ширењето на коронавирусот, а особено немаме уверливи показатели дека ќе го спречи. Повеќето експерти денес се согласуваат дека најреалното сценарио, дури и ако вирусот е сезонски, е дека тој ќе се шири посилно на јужната хемисфера и повторно ќе се врати следната сезона. Со други зборови, бидејќи се прошири многу и има некои чудни карактеристики, во релативно оптимистично сценарио тој може да стане сезонска болест, како грип или настинка, додека песимистичното сценарио е дека може да продолжи да се шири во текот на летото.

Зошто некои вируси имаат сезонски карактеристики?


Постојат многу причини поради кои Ковид-19 би можел да има сезонски карактеристики. Едноставно кажано, вирусите на грип или Ковид-19 може да се сметаат за организирана група на протеини и липиди. Тие преминуваат од личност на личност преку физички контакт, преку капки или контаминација на цврсти површини, особено непорозни и студени, како што се рачки.

Кога вирусот ќе се најде надвор од човечкото тело, силите во животната средина ќе предизвикаат негово пропаѓање. На пример, алкохолот во средствата за дезинфекција ги разложува протеините и липидите правејќи го вирусот помалку стабилен, па веројатноста успешно да предизвика инфекција е помала.

Постојат неколку теории што објаснуваат зошто вирусите на грип и настинка би можеле да бидат чувствителни на сезони. Сите тие главно се засноваат на истражувања кои покажуваат дека вирусите се шират во текот на зимата во суви и студени услови, а во случај на северната хемисфера тоа значи од октомври до април.

Собирање во затворени простории

Според една од теориите, тоа е период во кој луѓето почесто се собираат во затворени простории, што на вирусите им го олеснува ширењето и преку воздухот и со директен контакт и преку површините на предметите.

Топлиот, влажен воздух го отежнува пренесувањето на вирусот

Некои понови истражувања, исто така, покажуваат дека сувиот, студен воздух може да им помогне на вирусите да останат во воздухот и да патуваат на поголема оддалеченост. Едно истражување спроведено во лабораторија и објавено во 2007 година утврдило дека високите температури, а особено високата влажност на воздухот, го забавуваат ширењето на грипот и дека вирусот целосно престанува да се шири при високи нивоа на влажност. Во тоа има физичка логика. Имено, потоплиот воздух задржува повеќе влага, што ги спречува вирусите што се пренесуваат преку капки да патуваат. Со други зборови, во влажни услови малите капки на течности што се пренесуваат при кашлање и кивање насобираат повеќе влага од воздухот. Така стануваат претешки за да останат во воздухот и паѓаат на земја.

Студениот и сув воздух ја уништува одбраната на вирусот


Според друга теорија, ниската влажност на воздухот, која често е присутна во зима, може да ја наруши функцијата на слузот во носот, кој служи за заробување туѓи тела, како вируси и бактерии. Студениот и сув воздух може да ги исуши мукозните мембрани на носот, што го прави помалку ефикасен во фаќање на вирусот.

Но, од друга страна, податоците покажуваат дека во некои тропски региони сепак има повеќе случаи на грип во текот на сезоната на дождови.

kovid
Фото: Pixabay

УВ-зраците им штетaт на вирусите


Некои истражувања покажуваат дека вирусите се чувствителни на УВ-зраците затоа што тие имаат уништувачки ефект врз ДНК и РНК. УВ-светлината ги убива бактериите и вирусите и често се користи во болниците за стерилизација на опремата. Престојот на отворено, особено на летното сонце, веројатно има сличен ефект. Но, тоа не значи дека треба да се печиме за да се заштитиме од Ковид-19.

Имунитетот е послаб во зима

Постои и претпоставка дека нашиот имунитет е послаб во студентите месеци, кога нема многу сонце, а тоа би можело да биде поврзано со нивото на витамин Д.

Зошто не можеме да сметаме на сезонските карактеристики?


Факт е дека Ковид-19 засега многу поуспешно се шири на северната хемисфера отколку на јужната. Ова би можело да биде аргумент за сезонската карактеристика на вирусот. Но, причина може да е и посилната размена на луѓе и стока меѓу Европа и Северна Америка со Кина.

Постојат држави во кои сега е лето, како Австралија, каде што вирусот сепак се шири, и тоа забрзано. Во Австралија има 101 заболено лице и 3 смртни случаи.

Едно ново истражување покажува дека Ковид-19 значително се проширил во Сингапур, кој се наоѓа во близина на екваторот. Таму до вчера беа регистрирани 190 случаи. Секако, тоа не значи дека Ковид-19 успешно ќе се шири кога ќе завладее летото на северната хемисфера. Можеби ќе го забави, но прашањето е колку.

Митот за исчезнувањето на САРС во текот на летото

Научниците се обидуваат да ги предвидат можните сезонски карактеристики на вирусот Ковид-19 врз основа на сличноста со другите вируси. Меѓу нив се САРС и МЕРС. Според генетичките анализи и начинот на кој напаѓа, предизвикувачот на Ковид-19 е сличен на патогенот САРС.

Но, постои погрешно уверување дека САРС, кој се појави во ноември 2002 година, исчезна во јули 2003 година кога времето стана потопло. Експертите посочуваат дека САРС не исчезнал од природни причини. Тој бил искоренет од екстремно интензивните јавноздравствени интервенции во Кина, Тајланд, Виетнам, Канада и во други земји. Овие мерки вклучувале изолација на заболените, карантин, мерки за социјална оддалеченост итн.

Притоа треба да се има предвид дека мерките во случајот на САРС биле доста ефикасни затоа што оние што биле најмногу заразени биле и многу болни, и тоа на карактеристичен начин по кој болеста го добила името тежок акутен респираторен синдром. Благодарение на јасните симптоми и без многу благи случаи, заразените навремено биле изолирани.

МЕРС добро поднесува топлина

Коронавирусот МЕРС почна да се шири во Саудиска Арабија во септември 2012 година, кога температурите обично се високи. За разлика од САРС, тој никогаш не бил целосно запрен, така што одвреме-навреме се појавуваат нови случаи. За среќа, се пренесува од луѓе на луѓе само во близок контакт на подрачјето на Блискиот Исток, така што нема голем ризик од предизвикување големи епидемии. Фактот дека се јавува на високи температури укажува на тоа дека не мора да значи дека коронавирусот ќе исчезне во текот на летото.

Претпоставки за сличност со настинките

Некои експерти своите претпоставки и надежи за сезонските карактеристики на Ковид-19 ги темелат на фактот што коронавирусите исто така се сезонски. Проблемот со оваа претпоставка е што засега не знаеме колку четирите коронавируси што предизвикуваат настинка (OC43, HKU1, 229E и NL63) се добра аналогија за Ковид-19.

Друг проблем во оваа споредба е тоа што сезонските вируси, кои веќе долго се присутни во популацијата (како ОС43 и НКU1), се однесуваат различно од вирусите кои тукушто се појавиле.

Можеме да се надеваме, но не и да сметаме на летото


Можеме да заклучиме дека ништо не е сигурно додека не дојде летото. Постојат индикации дека Ковид-19 би можел да има сезонски карактеристики, но епидемиологот Марко Липсич од „Харвард“ и други експерти сметаат дека топлото време нема да има големо влијание врз неговото ширење.

Со други зборови, оправдано е да се надеваме, но добро би било цела енергија да ја насочиме кон сузбивање отколку да сметаме на летото.

Извор: Index.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје