X
 28.05.2021 Наука

Хрватски научник и неговиот тим ја откриле Ахиловата пета на коронавирусот

Постојат хемиски соединенија што спречуваат реплицирање на вирусот во клеточните култури. Сè уште не се користат како лекови, но ќе биде возможно.

Во новиот број на списанието „Сајнс“, едно од најзначајните научни списанија, ќе ума труд потпишан од хрватскиот научник, професор доктор Ненад Бан од швајцарскиот технички универзитет во Цирих, заедно со група колеги. Професорот Бан е молекуларен биолог, доста важна дисциплина во истражувањето на познатиот коронавирус. Со негова помош се откри каде е Ахиловата пета на САРС-КоВ-2.

Станува збор за особините на вирусот - прилично непознати за обичните луѓе, поврзани со рибонуклеинската киселина, но присутни и во други коронавируси.

- Промената на рамката за читање на РНК на вирусот е нешто со кое вирусите често се служат. Овој процес е важен за ХИВ, но и за САРС-КоВ, но досега никој не беше во можност да го визуализира овој процес бидејќи трае многу кратко. Клучот беше во дизајнот на експериментот, кој ни овозможи да го стабилизираме процесот на синтеза на протеини на вирусниот РНК за да можеме да проучиме што се случува и како се менува рамката на читање - вели професорот.

Значи, ако замислиме дека следната вирусна реченица е напишана на РНК-јазик, каде што сите зборови се составени од три букви, нашите рибозоми би прочитале вака: „The Ban lab and ETH isf unf ort heo new hoh asj am“. Само почетокот на реченицата е разбирлив и затоа вирусот не може да функционира. Но, ако вирусната РНК предизвика рибозомот да ја помести рамката за читање за една буква наназад на одредено место во реченицата, тогаш рибозомите ќе ја прочитаат реченицата, која сега одеднаш добива смисла, па вирусот е функционален: „The Ban lab and ETH is fun for the one who has jam“.

- Тоа е многу невообичаен процес кој е специфичен за вирусите и никогаш не се случува кога ќе се манифестираат информациите складирани во нашиот геном - објаснува професорот Бан.

virus
Фото: Vecernji.hr

Експерименталните методи што се користат во оваа работа вклучуваат употреба на многу скап крио-електронски микроскоп што овозможува да се сними структурата на дел од организмот до најмалите делови, речиси до атомите. Така, направена е снимка од процесот најдетално што може. Групата на Бан, во соработка со колегите од Универзитетот „Корк“ во Ирска и Лозана и Берн, Швајцарија, проучуваше како се синтетизираат вирусни протеини врз основа на информациите во геномот САРС-КоВ-2.

- Процесот е многу невообичаен бидејќи вирусната РНК мора да предизвика нашите рибозоми да направат грешка при читањето на геномската порака, која се нарекува програмирана „промена на рамката за читање“. Овој процес е клучен за вирусот бидејќи произведува протеини одговорни за реплицирање на вирусот. Нашето откритие покажува како доаѓа до таква промена во рамката за читање кога нашите рибозоми синтетизираат вирусни протеини, вели професорот Бан.

Појдовна точка за лекови

Интересно е што во трудот се споменува и цинкот, кој на почетокот на пандемијата беше еден од металите што често се споменуваа како корисни во развојот на имунитетот.

- Цинкот е елемент кој е важен за нормално функционирање на организмот и се смета дека игра важна улога во функционирањето на клеточниот имунитет. Нашето откритие покажа дека оваа промена во рамката на читање на вирусна РНК се случува во самиот момент кога се произведува вирусниот протеин за кој се врзува цинкот. Значи, индиректно може да се заклучи дека цинкот може да влијае врз овој клучен вирусен процес, но засега не е јасно на кој начин - вели професорот Бан.

Најважно е дали таквото откритие може да се конкретизира, односно да се претвори во лек или за подобрување на постојната вакцина.

- Бидејќи промената во рамките на читањето на РНК-пораката е единствена за вирусот, вакво нешто не се случува во нашите клетки, така што секое соединение што го инхибира овој вирусен процес може да биде корисно како почетна точка за развој на лекови против ковид-19. Нашето истражување покажа дека хемиските соединенија што спречуваат промена во рамката на читање на вирусна РНК, исто така, спречуваат реплицирање на вирусот во клеточните култури. И покрај ова, овие соединенија сè уште немаат ниво на активност да се користат како лекови, но нашите експерименти покажуваат дека ќе биде можно да се оптимизираат - објасни научникот и предупреди дека има уште многу да се направи.

- Нашето знаење за САРС-КоВ-2 е веќе доста детално. Сепак, потребни се просечно десет години за да се создаде нов лек кој е клинички тестиран. И покрај фактот дека процесот на истражување на нови лекови ќе се забрза што е можно повеќе, имајќи предвид дека станува збор за вирус што предизвикува пандемија, мислам дека заштитата преку вакцинација е најдобро решение, а не надежта за брз развој на нови лекови - вели Бан.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Vecernji.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука