Дали сте изложени на ризик од срцев удар? Или некоја друга кардиоваскуларна болест? Одамна знаеме дека постојат фактори кои го зголемуваат ризикот, како што се: висок крвен притисок, пушење, дијабетес, дебелина, висок холестерол и физичка неактивност. Освен тоа, одамна е познато негативното влијание на хроничниот стрес врз нашето здравје. Но, дали стресот нè убива?
Една студија го разгледувала токму тоа - дали изложеноста на физички или ментален стрес предизвикува намален проток на крв во срцето. Научниците испитале 918 луѓе кои имале стабилна срцева болест за да откријат дали изложувањето на физички и ментален стрес доведува до оваа состојба. Потоа тие лица биле следени во следните 9 години. Се покажало дека психолошкиот стрес оставал поголеми последици кај овие луѓе од физичкиот стрес.
Претходна студија која ја испитувала врската помеѓу различни фактори и срцеви заболувања, која следела 24.767 луѓе од 52 земји, покажала дека оние луѓе што биле под голем психолошки стрес имаат двапати поголема шанса да доживеат срцев удар во следните 5 години.
Фото: Freepik
Истражувачите го испитувале и влијанието на психолошкиот стрес врз здравјето на луѓето кои немаат никакви срцеви заболувања, односно кои се целосно физички здрави. Анализирани се податоците на дури 6,7 милиони луѓе од Данска и од Шведска во периодот од 1973 до 2014 година. Во тој период 126.522 од нив изгубиле најмалку едно дете. Се покажало дека изложеноста на толку голем психолошки стрес доведува до зголемување на ризикот од срцев удар за трипати во првата недела по загубата. На подолг период, ризикот бил зголемен за 20 до 40 отсто.
Како настанува оштетување на срцето поради голем психолошки стрес?
Некои научници веруваат дека сè започнува во делот од мозокот наречен амигдала, кој како одговор на стресот ја иницира реакцијата „бори се или бегај“. Со цел нашето тело да биде подготвено, лачи одредени хормони и кога нивното ниво ќе се зголеми, предизвикуваат повеќе физиолошки реакции во нашето тело кои доведуваат до воспаление во артериите.
Тоа придонесува за зголемување на можноста за згрутчување на крвта и намалување на нормалната функција на крвните садови, а сето тоа доведува до атеросклероза, што потоа е основа за појава на срцева болест и срцев удар.
Извор:
Vitality
Насловна фотографија: Freepik