За испитување на Д-димери, државно може да се чека и по цела недела
Матичните лекари за ковид-позитивните пациенти кои се на домашно лекување може да издаваат лабораториски упат со кој ќе им се испита и ЦРП и Д-димери, но само во лаборатории во јавните здравствени установи. Тие не можат да ги пратат пациентите на испитување во лаборатории во приватните здравствени установи кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување, иако така првично најавија.
Од Министерството за здравство велат дека издавањето упати за проверка на Д-димери од матичните лекари за ковид-пациенти важи само за јавните здравствени установи.
- Сега матичните лекари може да издадат упат за проверка на Д-димери, со што на пациентите им се овозможува помалку движење во услови на пандемија. Дополнително, со можноста за проверка на Д-димери во јавните здравствени установи на пациентите им се овозможува и поголема географска достапност до лабораторија, а дополнително и можност резултатите да им ги прочита лекар специјалист - велат од Министерството за здравство.
Од Здружението на приватни лекари велат дека минатата недела добиле допис од Фондот за здравствено осигурување дека ќе може да ги упатуваат пациентите за лабораториски испитувања на ЦРП и Д-димери само во лаборатории во јавните здравствени установи.
- Зошто е така, не знам, тоа треба Фондот да каже. Но, повторно не може веднаш да се закаже и се чека. Има пациенти кои не може да чекаат, па одат и ги прават испитувањата приватно. Не е во ред луѓето да се изложуваат на дополнителни трошоци бидејќи вакви испитувања треба почесто да се прават за да се следи состојбата и да знаеме кога и колку од терапијата да дадеме - вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари.
Граѓаните реагираат дека исто како и лани, кога имаше голем број заболени од Ковид-19, за овие испитувања се чека и повеќе од десет дена. Покачени вредности на Д-димерите, кои покажуваат народски кажано згуснување на крвта, е една од компликациите од болеста. Цените за испитување на приватно во Скопје, каде што има најголем проблем поради метежи, се движат од околу 800 денари па нагоре. За ЦРП, цената е околу 300 денари.
- Дозволија да ги упатуваме за ЦРП и Д-димери, но само за пациент позитивен за Ковид-19. Имаме случаи кога и по прележување на болеста, кога тестот е негативен, пациентите сè уште имаат високи Д-димери и состојбата мора да им се следи и да примаат терапија. Кај некои и цел месец по негативниот тест има потреба од терапија. Нормално е дека луѓето нема да чекаат и ќе платат приватно, тие што можат. Со ова заработија само приватните лаборатории - вели д-р Чолакова-Дервишова.
Првичната информација за испитување и во приватни лаборатории, пред да се промени
Можноста матичните лекари да издаваат лабораториски упат за испитување на Д-димери, Фондот за здравствено осигурување ја донесе по реакции и од граѓаните и од матичните лекари дека поради зголемен број на болни од Ковид-19 во болниците, оние што се ковид-позитивни, а се на домашно лекување се изложуваат на непотребно одење кај специјалист за да им издаде упат за вакво испитување. И тогаш во лабораториите во болниците и на клиниките се чекаше за вакви испитувања, па луѓето за испитувањето плаќаа приватно.
Фондот за здравствено осигурување на почетокот од годината извести дека матичните лекари може да издаваат упати за вакви испитувања да се прават во сите лаборатории што имаат склучено договор со нив, и дека тоа важи од декември лани.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека одлуката е променета.
- Во услови на пандемија, како ќе се вршат испитувањата и како ќе се лекуваат болните одредува Министерството за здравство, а Фондот е само плаќач на услугите - велат од Фондот за здравство.