X
 11.03.2024 Здравје

Постојано сте поспани во текот на денот? Можеби страдате од прекумерна дневна поспаност

Прекумерната дневна поспаност може да биде предупредувачки знак за лош квалитет на сон, нарушувања во спиењето или други медицински состојби. Иако не е нарушување само по себе, прекумерната дневна поспаност е нешто што треба да се сфати сериозно. Важно е да се препознаат знаците со цел правилно да се идентификува и елиминира причината.

Што е прекумерна дневна поспаност?

Прекумерната дневна поспаност се дефинира како тешкотија да се остане буден или зголемена желба за спиење во текот на денот. Чувството на поспаност може да биде полошо кога седиме, на пример, додека возиме или седиме на биро на работа. Иако е нормално повремено да се чувствувате поспани по кратка дремка, повторените напади на поспаност се сметаат за прекумерна дневна поспаност кога таа се јавува речиси секој ден во времетраење од најмалку три месеци.

Поспаноста лесно може да се помеша со замор бидејќи и двете состојби се карактеризираат со недостиг на енергија и може да се појават под слични околности. Главната разлика е во тоа што луѓето кои се уморни можат да останат будни и покрај тоа што се чувствуваат уморни и слаби. Исто така, можно е да се чувствувате уморни и поспани во исто време. Прекумерната дневна поспаност погодува до 25 отсто од американската популација, а некои истражувања посочуваат дека бројот на случаи со оваа состојба се зголемува со текот на времето. Сепак, постојат различни дефиниции за прекумерна поспаност, што може да влијае врз проценетиот број на случаи.

Симптоми на прекумерна поспаност


Спиењето игра важна улога во зајакнување на меморијата, обновување на имунолошкиот систем и други витални процеси. Како резултат на тоа, недостигот на квалитетен сон може да доведе до низа симптоми кои можеби нема веднаш да се поврзат со спиењето. Може да страдаме од прекумерна поспаност ако имаме некои од следниве симптоми:

-проблеми со одржувањето на будноста
-чувство на иритација
-проблеми со меморијата
-проблем со фокусирање
-тешкотии во запомнувањето на новите концепти
-тешкотии во донесувањето одлуки
-побавно време на реакција
-ризично однесување.

Последици од дневната поспаност


Поспаноста може да има големо влијание врз здравјето и секојдневниот живот. Последиците од дневната поспаност се:

-зголемен ризик од сообраќајни и професионални несреќи
-намалена работна продуктивност или академски перформанси
-лош квалитет на живот
-проблеми со регулирањето на расположението и емоциите
-социјални и проблеми во врските.

Прекумерната поспаност може да биде особено опасна за младите луѓе, за работниците во смени, медицинскиот персонал и луѓето што возат долги временски периоди. Долготрајното лишување од сон е поврзано со поголем ризик од развој на дијабетес, дебелина, срцеви заболувања и други хронични состојби. Дневната поспаност кај децата може да влијае врз нивниот развој. Кај постарите лица, дневната поспаност го зголемува ризикот од падови и може да биде ризик-фактор за когнитивно оштетување, губење на меморијата и ран морталитет.

Причини за прекумерна поспаност

Постојат многу можни причини за прекумерна дневна поспаност. Еден од најчестите е хроничниот недостиг на сон, без разлика дали е поради долго работно време, нередовни распореди, несоница или други причини. Будењето неколку пати во текот на ноќта за да се оди во тоалет, на пример, ја нарушува природната прогресија на фазите на спиење и може да го намали процентот на реставративен сон, со бавни бранови. Пушењето, недоволното вежбање и другите животни навики, исто така, можат да влијаат врз квалитетот на сонот и да предизвикаат дневна поспаност.

Кога треба да се консултираме со лекар?

Треба да одиме на лекар ако постојано се чувствуваме уморни, ако прекумерната дневна поспаност влијае врз нашиот секојдневен живот или ако веруваме дека тоа може да биде знак за основно нарушување.

Врз основа на тестовите и прашањата за нашите навики за спиење, лекарот ќе ја утврди причината за нашата поспаност. Нашиот партнер, исто така, може да информира дали тешко дишеме, 'рчиме или ги движиме нозете во текот на ноќта. Доколку лекарот се посомнева за нарушување на спиењето, може да даде упат за специјалист за да направи дополнителни тестови.

Извор: Eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје