X
 08.05.2023 Здравје

Загадениот воздух е штетен во сите фази од животот, не само во староста

Загадувањето на воздухот е штетно за луѓето во сите фази од животот, вклучувајќи ја и најраната фаза за време на растот на фетусот. Освен тоа, загадувањето на воздухот доведува и до намалување на бројот на сперматозоиди, покажало ново истражување.

Истражувањето направило преглед на резултати од 35.000 студии во последните 10 години за влијанието на загадениот воздух. Се покажало дека загадениот воздух предизвикува штета од периодот пред раѓањето до староста. Научниците од група за истражувања во областа на околината на Империскиот колеџ „Лондон“ заклучиле дека честичките ПМ2,5 и азот диоксид се особено штетни, а двете доаѓаат од издувните гасови на возилата.

Повеќето истражувања за загадувањето на воздухот се фокусираат на бројот на случаи на прерана смрт како негова последица, но помалку го разгледуваат неговиот ефект на сите фази од животот. За време на бременоста, загадениот воздух му штети на развојот на фетусот и може да предизвика ниска тежина на бебето и несакан абортус. Кај мажите, тој може да предизвика намалување на бројот на сперматозоиди.


Фото: Pixabay

Кај децата, загадениот воздух може да го успори развивањето на белите дробови, да предизвика астма и да влијае на крвниот притисок, когнитивните способности и менталното здравје. На постара возраст, загадениот воздух ја зголемува веројатноста од рана смрт поради развивање хронични болести, рак и мозочен удар.

- Можеби најважните нови наоди се доказите поврзани со влијанието на загадениот воздух врз здравјето на мозокот, вклучително и менталното здравје и деменција, како и влијанијата во раниот живот кои би можеле да доведат до идни здравствени проблеми кај населението. И двете претставуваат значителни, но моментално неквантифицирани трошоци за општеството и економијата - напишале авторите.

Извор: Kreni zdravo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје