По доживеан срцев удар треба да се грижите за видот на физичката активност која ќе ја применувате, потсетуваат лекарите. На пример, вежбите што го тераат срцето да работи побрзо, дополнително го оптоваруваат срцето. Истото може да се почувствува и при кревање тегови, пливање и трчање подолго време. Ако сте доживеале срцев удар опасен за живот и сте ја доживеале болката што доаѓа со него, веројатно е дека сите претходни физички активности нема да ви паднат на ум толку брзо. Сепак, експертите велат - можете повторно да вежбате! Всушност, тоа е најдоброто нешто за вашето срце.
Како телото реагира на напор по срцев удар?
За луѓето што имале срцев удар, постои план - процес на закрепнување што треба да се следи. Спортскиот кардиолог д-р Тамана Синг и д-р Ерик Ван Итерсон, директор за срцева рехабилитација на Клиниката во Кливленд, наведуваат дека луѓето треба да вежбаат додека закрепнуваат од срцев удар.
- Во првите денови веднаш по срцев удар добро е да се движи телото и да се активираат мускулите, особено на нозете. Обидете се да станете и да шетате што е можно повеќе уште пред да излезете од болница - советува д-р Ван Итерсон, додека д-р Синг вели дека треба да се земе предвид секој чекор на патот до срцевата рехабилитација.
- Кратките прошетки постепено претворете ги во подолги, според темпото со кое закрепнувате и се чувствувате посилни. Можеби ќе сакате да се вратите на вежбањето, но тоа мора да биде бавен и стабилен пристап - вели д-р Синг.
Рехабилитација на срцето по срцев удар
Како експерт за срцева рехабилитација, д-р Синг вели дека фокусот треба да биде на обновувањето на издржливоста, а не на тоа колку е силна личноста или колку тежина може да подигне.
Знаци кои покажуваат дека претерувате
Физичкото закрепнување од срцев удар бара трпение. На крајот на краиштата, природно е да сакате да напредувате, потсетува д-р Синг. Но, кога ќе се претера, вашето тело ќе ве извести. Предупредувачките знаци се:
-Позната болка. Се сеќавате како сте се чувствувале за време на срцевиот удар? Може да почувствувате некои од истите симптоми како болка во градите, стегање и непријатност ако претерате за време на процесот на закрепнување.
-Краток здив. Сметајте го ова како црвено знаменце ако сте повеќе без здив отколку нормално додека правите нормална активност.
-Замор. Вежбањето може да биде заморно, се разбира. Но, ако сте исцрпени по тренингот, тоа може да значи дека барате од вашето тело да направи повеќе отколку што е подготвено да поднесе.
-Вртоглавица. Ако ви се врти, тоа е знак дека треба да одморите и да се опуштите. Важно е да го слушате вашето тело и да не го минимизирате она што го чувствувате.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik