X
 11.04.2019 Технологија

Зависност од телефоните: Зошто „Фејсбук“ и „Гугл“ им помагаат на корисниците да поминуваат помалку време пред екраните?

Дали постојано гледате во телефонот и ги проверувате социјалните мрежи на неколку минути?

За тоа се виновни технолошките компании, вели извор од Силициумската долина.

Откако заклучиле дека времето што корисниците го поминуваат на социјалните мрежи им носи профит, компаниите постојано ги унапредуваат овие платформи за да создадат зависност. Но, технолошките гиганти како „Фејсбук“ и „Гугл“ сега воведуваат опции што би требало да им помогнат на корисниците да поминат помалку време пред екраните.

Што се променило? Дали овие компании ги промениле ставовите?

- Тешко - вели Ијал Нир, предавач на Универзитетот „Стенфорд“ и технолошки консултант. Тој вели дека во долгорочниот интерес на компаниите е да им помогнат на корисниците помалку време да поминуваат пред екраните.

telefoni
Фото: Getty Images

- Слично беше и кога во 60-тите произведувачите на автомобили во Америка ги поттикнуваа клиентите да користат безбедносни појаси. Тоа го правеа 19 години пред да биде воведен закон што го пропишуваше ова како обврска. Долгорочно, компаниите што произведувале побезбедни автомобили имале подобра продажба - вели тој.

Минатата година технолошките компании, една по друга, лансираа „безбедносни мерки“.

„Гугл“ на корисниците на „Андроид“ им овозможи да следат колку време поминуваат на апликациите и тоа време да го ограничат, доколку сакаат. „Епл“ со слични цели воведе можност корисниците да го контролираат времето што го поминуваат гледајќи апликации на системот „Ајос 12“.

„Фејсбук“ и „Инстаграм“ исто така развија алатки што на корисниците им овозможуваат да го ограничат времето поминато на социјалните мрежи, како и да добијат известување кога ќе се приближат до дневниот лимит.

Теоретски, новите производи треба да им помогнат на корисниците. Но, нивните апликации постојат со години - тогаш зошто компаниите реагираат дури сега?

Даниел Ајвис, извршен директор на компанијата „Ведбаш секјуритис“, вели дека тоа има врска со сè почестите дискусии за тоа дали сме зависни од екраните.

- Овие технолошки гиганти се под притисок да признаат дека премногу време пред екранот негативно влијае врз луѓето - вели тој.

На удар се и произведувачите на паметни телефони бидејќи преку тие уреди најчесто се користат социјалните мрежи. Корисниците ја повикуваат компанијата „Епл“ барајќи да се позанимава со прашањето во врска со детската зависност од ајфони.

- Први воведовме родителска контрола на ајфонот уште во 2008 година - вели компанијата и додава дека претходните години работеше на тоа да им помогне на родителите да ја контролираат содржината што децата ја читаат и гледаат.

Инвеститорите во „Епл“ велат дека би било спротивно на здравиот разум да тврдат дека претераното користење на телефоните нема никакво влијание. Социјалните мрежи мораа во јавноста да дадат и објаснување за тоа како ги користат податоците на корисниците, по низа скандали.

- Произведувачите ќе мора да ги прифатат правилата на игра бидејќи притисокот е сè поголем - вели Ајвс.

„Твитер“ одби да ја коментира зависноста од социјалните мрежи, а од „Фејсбук“ велат дека им помагаат на луѓето да увидат колку време поминуваат на нивните платформи за подобро да се организираат.

Дали постојат денови кога и вие чувствувате дека мора да ја намалите употребата на телефоните и останатите технологии? Не сте сами, бидејќи бројот на оние што им е потребно одвикнување расте. Компаниите полека сфаќаат дека зависноста може да им наштети, а не сакаат да ги изгубат корисниците.

- Овие компании не сакаат да бидете зависни од нивните производи. Наместо тоа, тие сакаат нивните производи да ги користите до крајот на животот. А единствен начин за тоа е да уживате во нивните производи - вели Нир.

Според последните податоци, повеќето луѓе поминуваат барем два часа дневно на паметните телефони, главно на социјалните мрежи. Некои користат интернет шест или повеќе часа секој ден. Постојат многу докази дека ваквата употреба може да го загрози менталното здравје, особено меѓу младите.

Сè повеќе луѓе сфаќаат дека прекумерното користење на технолошките уреди може да биде лошо, па компаниите брзо реагираат. Контролата на времето поминато пред екранот е прв чекор во таа насока.

Но, дали е тоа доволно?

Сè уште не е можно да се утврди дали алатите што им овозможуваат на корисниците да го контролираат времето што го користат на платформите всушност помага.

Ијал Нир има еден совет што може да ви помогне да ја контролирате зависноста.

- Единственото решение е да го промениме однесувањето бидејќи големите компании користат психолошки тактики за повеќе време да поминуваме на социјалните мрежи и нема да престанат да го прават тоа, барем не во скоро време - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија