Компанијата „Nginx“ е една од најважните старт-ап компании во светот, за која повеќето луѓе воопшто не слушнале, а неодамна австралискиот телекомуникациски гигант „Telstra“ вложил 8 милиони евра за нејзиниот понатамошен развој.
Веб серверот кој го разви оваа компанија е доста популарен и го користат 150 милиони страни во светот. Всушност, 49.2% од 1.000 најзафатени веб страни на светот се потпираат токму на „Nginx“, што е значително повеќе отколку што го користат „IIS“ на „Microsoft“ - 6.8% од страните, „Google“ серверот (9.8%) и „Apache“ (26.6%). Услугите на оваа компанија дури ги има користено и НАСА за видео стриминг на движењето на роверот на Марс.
Компанијата во последните неколку години е се` помоќна и на полето на таканаречениот микросервис - софтверска архитектура во која апликацијата се состои од мали независни процеси кои комуницираат едни со други. Тука „Nginx“ игра клучна улога во координацијата на овие мали делови, без оглед на другите технологии кои ги користат претприемачите. Таа сега планира преку соработка со „Telstra“ да го преземе приматот на меѓународниот пазар. Според Гус Робертсон, извршен директор на „Telstra“, компанијата е поддржувач на „Nginx“.
Но, големата популарност на „Nginx“ ги отежнува работите - голем број корисници употребуваат бесплатна верзија на софтвер со отворен код, што значи дека компанијата не добива ни долар. За да реализира профит таа има неколку додатоци во менито. Тука се „Nginx Plus“, полната верзија која се плаќа и со тоа комерцијалистите им обезбедуваат на клиентите помош во инсталирањето и одржувањето.
Колку брзо напредува компанијата најдобро може да се сфати врз основа на податоците во врска со финансиите - во 2015 година, приходите на компанијата се зголемија за 300% во однос на 2014 година, вели Робертсон. Тој исто така тврди дека компанијата не е активно во потрага по инвеститори и дека има доволно средства барем уште некое време.
Постоечките инвеститори, компанијата „New Enterprise Associates“, „Е.ventures“, „Runa Capital“ и „Index Ventures“ вложија во „Nginx“ 41 милион долар уште од нејзиното основање во 2011 година. Сепак, компанијата постапува прилично скромно - нема повеќе од 100 вработени, а Робертсон не сака својот производ да го преоптеретува со дополнителни услуги.
„Сакаме да се задржиме само на оние работи кои им се навистина потребни на корисниците“, заклучува тој.