X
 08.03.2020 Живот

Ова се најреномираните компании во светот

Четврта година по ред компанијата „Лего“ е на врвот на листата со најреномирани компании во светот, според годишното истражување, а веднаш зад неа е „Дизни“. И двете компании секоја година се наоѓаат помеѓу топ-10, уште од 2011 година.

Иновациите, инвестициите во обука на персоналот и фокусот кон квалитетот им помогнаа на овие компании да ја задржат добрата репутација според Институтот за репутација, кој анкетирал повеќе од 80.000 луѓе во 15 држави во своето истражување „Глобал РепТрак“.

„Лего“ доби 78,9 од можни 100 поени, додека „Дизни“ 78,1 поени. „Ролекс“, „Ферари“, „Мајкрософт“, „Леви Штраус“, „Нетфликс“, „Адидас“, „Бош“ и „Интел“ се останатите во топ-10.

Истражувачите ги анкетирале луѓето како ја перципираат компанијата, вклучувајќи ги нејзините производи, управување, лидерство, финансиски перформанси, колку е иновативна или како се однесува во поширокото општество.

Лего“ и „Дизни“ добија добри поени во однос на своите производи и услуги.

- Тие се најдобри во однос на иновациите и можат да се адаптираат од година на година и да ги прошират своите понуди на производи - вели Исадора Ливај, директор на одделот за увид на маркетинг на Институтот за репутација.

Таа го посочи потегот на „Дизни“ за преминување во стриминг и промената на „Лего“ на коцки направени од растенија и рециклирани коцки до 2030 година, како примери за тоа како се исполнуваат барањата на потрошувачите.

lego
Фото: Pixabay

„Дизни“ доби поени и поради својата инвестиција во образованието. Во 2018 година вложи 50 милиони долари во обука на персоналот, вклучувајќи и финансирање високо образование и стручни курсеви.

Забележително отсутни меѓу топ-10 се „Гугл“ и „Епл“, кои беа на првото и второто место кога почнало истражувањето во 2011 година. „Гугл“ се појавувал во топ-10 секоја година сè до 2018, додека „Епл“ е рангирана 5 пати во период од 10 години.

„Гугл“ беше меѓу првите технолошки компании-пионери со разни бенефиции на работното место, како бесплатни оброци, места за дремнување и часови за јавно говорење.

- Со зголемувањето на сомнежите за транспарентноста во рамките на организацијата, со тоа како ги третираат добавувачите или луѓето што комуницираат во нивниот синџир на снабдување, минималната плата... целата тема околу работното место се промени и почнавме покритички да се насочуваме кон овие технолошки компании - вели Ливај.

Таа додава дека преку тоа како една компанија ги третира вработените се формира разговорот околу репутацијата, и ова објаснува зошто „Гугл“ и понатаму е реномиран, но не е во првите 10.

Во ноември „Гугл“ отпушти четири лица за кои изјави дека ги прекршиле политиките на доверливост, вест што стана вирална бидејќи вработените организираа и учествуваа во протести против компанијата.

Друг забележителен бренд на списокот е „Адидас“, кој се појавува во топ-10 во последните 4 години. „Адидас“ се најде на 8. место далеку пред „Најк“, кој се најде на 30. место. Падот на репутацијата на „Најк“ се должи на рекламата „Дрим Крејзи“.

- Заземањето став ќе ја подобри вашата репутација кај потрошувачите кои веруваат во вас, но ќе има негативен ефект врз потрошувачите кои можеби не се согласуваат со тој став - вели Ливај.

Овогодишните топ-10 успеваа да ги балансираат финансиските перформанси и одговорноста на компанијата.

- Ако ги погледнеме првите 10 оваа година, имаме листа на компании со децении и децении наследство. Тие се длабоко вкоренети во историјата - вели Ливај.

Извор: CNBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот