X
 11.04.2023 Наука

Објавена нова фотографија со чудните прстени на Уран

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ сними неверојатна фотографија од ледениот гигант Уран, со речиси сите негови прстени.

Сликата е репрезентативна и ја покажува значителната чувствителност на телескопот бидејќи посветлите прстени претходно биле снимени само од вселенското летало „Војаџер 2“ и опсерваторијата на Хаваите.

Девет од прстените се класифицирани како главни прстени, додека другите два се потешки за забележување и сликање поради нивниот „правлив“ состав и не биле откриени сè додека мисијата „Војаџер 2“ не прелета во 1986 година.

Два бледи надворешни прстени кои не се прикажани на оваа најнова фотографија беа откриени во 2007 година од снимките направени од вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА, а научниците се надеваат дека „Џејмс Веб“ ќе ги фотографира во иднина.

- Прстенестиот систем на планетата ни кажува многу за нејзиното потекло и формирање. Уран е толку чуден свет без внатрешна топлина, што сите индиции што можеме да ги добиеме за неговата историја се вредни - вели д-р Наоми Рој Џурни, научник во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА во Мериленд.

uran
Фото: Sky News

Научниците предвидуваат дека идните слики на „Џејмс Веб“ ќе можат да ги фатат сите 13 прстени. Рој-Џурни очекува телескопот да открие повеќе за составот на атмосферата на Уран, што ќе им помогне на научниците подобро да ја разберат природата на овој необичен гасен џин.

- Новиот телескоп ни дава можност да ги погледнеме и Уран и Нептун на сосема нов начин бидејќи никогаш не сме имале телескоп со оваа големина што се фокусира на инфрацрвеното зрачење - вели Рој-Џурни.

Извор: News.sky.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука