Досега повеќето од фотографиите на „Џејмс Веб“ открија инфрацрвени погледи на објекти на длабокото небо, како галаксии и маглини.
И додека веќе видовме прекрасни слики од Јупитер и неговите месечини, љубителите на планетите чекаат да видат што друго може да ни покаже нашиот Сончев Систем.
НАСА сега објави неверојатна глетка од ледениот гигант Нептун, снимен од телескопот на 12 јули 2022 година. Фотографиите ги откриваат прстените на планетата и слабите ленти од прашина со неверојатни детали.
Планетарните научници веќе дискутираат за новите фотографии од Нептун во однос на оние што ги направило вселенското летало „Војаџер“ додека летало покрај планетата во 1989 година.
- Поминаа три децении откако последен пат ги видовме тие слаби, правливи ленти и ова е првпат да ги видиме во инфрацрвено светло - вели Хајди Хамел, интердисциплинарен научник.
Секој што е запознаен со фотографиите на Нептун од „Војаџер 2“ сигурно се запрашал зошто ледениот џин не е син на новите фотографии од „Џејмс Веб“. Одговорот лежи во блиската инфрацрвена камера на „Веб“ (NIRCam), која снима објекти во близок инфрацрвен опсег од 0,6 до 5 микрони.
Гасот метан кој на Нептун му ја дава сината нијанса на фотографиите на „Војаџер 2“ всушност апсорбира црвена и инфрацрвена светлина, така што планетата изгледа речиси темна, освен оние региони каде што се присутни облаци на голема надморска височина.
Големата, светла точка што доминира на фотографијата е Тритон, најголемата месечина на Нептун. Но, ако погледнете внимателно, ќе можете да видите и 7 од 14. познати месечини на Нептун кои ја опкружуваат планетата.
Се смета дека на Тритон има и подземен океан, поради што во моментов се планира нова мисија наречена „Трајдент“ за посета на Тритон.
НАСА вели дека се очекуваат повеќе истражувања од „Џејмс Веб“ за Тритон и Нептун во 2023 година, што значи дека наскоро ќе дознаеме нешто повеќе за оваа неверојатна планета и нејзината голема, мистериозна месечина.
Извор:
Skyatnightmagazine.com
Фото: NASA