X
 14.12.2021 Наука

Неколку работи што треба да ги знаете за „Џејмс Веб“ - најнапредниот телескоп досега

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е најнапредната вселенска опсерваторија изградена досега. Телескопот треба да биде лансиран во вселената кон крајот на овој месец, а ќе се обиде да одговори на клучни прашања за универзумот.

Огромно златно огледало

Главниот дел на телескопот е неговото огромно огледало, широко 6,5 метри, кое е направено од 18 помали огледала. Тие се направени од позлатен берилиум и треба да ја рефлектираат инфрацрвената светлина која доаѓа од големи далечини.


Фото: Flickr

Телескопот има и научни инструменти за фотографирање и разложување на светлината на повеќе бранови должини за истражување на физичките и хемиските состојки на материите во вселената. Огледалото и инструментите се заштитени со петслојна заштита од сонце која може да се отвори и да има големина на тениско игралиште.

Во телескопот има и системи за електрична енергија, погон, комуникација, ориентација, греење и чување податоци. Тој тежи колку еден автобус.

Далечно патување

Телескопот ќе биде оставен во орбитата на околу 1,6 милион километри од Земјата. Тоа е приближно четирипати подалеку од растојанието помеѓу нашата планета и Месечината. „Џејмс Веб“ ќе кружи околу Сонцето и секогаш ќе се наоѓа на ноќната страна на планетата.


Фото: Flickr

Тој ќе стигне до оваа локација по околу еден месец откако ќе биде лансиран. Ниту еден човек не патувал толку далеку колку што ќе патува телескопот.

Технолошко оригами

Телескопот е преголем за да го собере во ракета, па затоа ќе биде склопен, а потоа расклопен, како оригами. Тој ќе се расклопува постепено за време на патувањето и ќе може да биде ставен во функција по околу 6 месеци.

Мисии

„Џејмс Веб“ има две главни научни мисии: да ги истражува раните фази од космичката историја и да открива планети надвор од нашиот Сончев Систем. Тој ќе истражува и знаци за можен живот на овие планети со анализа на нивните атмосфери. Способноста за снимање во инфрацрвена светлина ќе му овозможи да открива повеќе од претходните телескопи.


Фото: Flickr

Се градел со децении

Астрономите почнале да разговараат за телескопот кој ќе биде следниот најнапреден по „Хабл“ во 90-тите години, а изградбата на „Џејмс Веб“ започнала во 2004 г. Лансирањето било одложено неколкупати поради тешкотии во изградбата.

Опсерваторијата е резултат на меѓународна соработка, а во него се вклучени канадски и европски инструменти. На проектот работеле над 10.000 луѓе, а неговото производство чинело околу 10 милијарди долари.

Мисијата на телескопот треба да трае најмалку 5 години.

Извор: Science Alert 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука