X
 10.03.2020 Наука

Новиот телескоп на НАСА ќе погледне 13,5 милијарди години во минатото

По повеќе одложувања, НАСА го најави испраќањето на својот телескоп „Џејмс Веб“ во вселената во 2021 г. Елементите што го сочинуваат новиот телескоп на НАСА се прецизни во нанометри, а огледалата можат да дешифрираат вонземни атмосфери и да погледнат назад во времето.

Изминатиот август завршила испораката на сите компоненти што треба да бидат дел од телескопот, кој сега е склопен во Калифорнија. Тој е висок колку четири ката. Минатиот месец НАСА првпат ги поканила новинарите да го видат телескопот.


Фото: НАСА

НАСА работела на две половини од телескопот во последниве две години, а сега ги споила половините и создала една опсерваторија. По 24 години и повеќе одложувања, мисијата вредна 9,6 милијарди долари ја започнува последната година пред да биде испратена во вселената на 21 март 2021.

На проектот работеле илјадници научници и инженери од 24 земји во три вселенски агенции - НАСА, Канадската вселенска агенција и Европската вселенска агенција. Делови од телескопот биле изградени на повеќе локации низ САД.

Телескопот ќе орбитира на 1,6 милион километри од Земјата и ќе ѕирне 13,5 милијарди години во минатото, односно до дел од секунда по големата експлозија. Првин телескопот ќе ги анализира атмосферските состави на помалите планети надвор од нашиот Сончев Систем што кружат околу други ѕвезди за да процени дали се погодни за живот.


Фото: НАСА

Потенцијалното откривање светови слични на Земјата може да биде клучно за преживувањето на луѓето кога нашето Сонце ќе умре. Телескопот може и да открие информации за појавувањето на животот и менувањето на околината.

Кога инженерите почнале да работат на телескопот во 1996 година, им биле потребни 10 технологии кои тогаш не постоеле. Ракетата што ќе го носи телескопот ќе стигне во орбитата за речиси три недели, а ќе носи доволно гориво за да функционира до 14 години. Во меѓувреме се работи на мисија која би можела да испрати дополнително гориво за опсерваторијата.


Автор: Сузан Карлин
Извор: Fastcompany.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука