X
 11.05.2017 Живот

Островот на кој жените немаат пристап

Островот Окиношима во југозападна Јапонија, бил препорачан од советодавното тело на „UNESCO“, за листата на светско наследство, заради својата долга историја, но и бројните специфичности, од кои некои се и бизарни.

Имено,  на островот кој се наоѓа во областа Фукуока, строго е забранет пристап на жени – тие не смеат да стапнат на островот. Во местото нема жители, туку само посетители кои доаѓаат од верски причини. На островот се наоѓа свет храм Окитсу, кој оддава почит на божицата на морето.

Традиционално, на островот доаѓале мажи да се поклонат и да се молат за добра среќа на поморските патувања, за сигурност на бродовите и поволна трговска соработка помеѓу луѓето од Корејскиот полуостров и Кина, уште од периодот на 4 век.

Дури ни тогаш, како ни денес, посетителите од островот не смееле да земаат никаков сувенир на копно, па дури ни камче или трева. Религиските табуа на островот се задржале до модерно време. Исто како што постои забрана за доаѓање на жени, исто така мажите кои доаѓаат мораат да го извршат ритуалот на чистење. Мораат да се соблечат голи и да се измијат, но сите останати детали се тајни и никој од посетителите не смее да ги открие.

На островот се откриени околу 80 илјади артефакти кои се донирани како подароци од странство, меѓу кои и златни прстени од Корејскиот полуостров, како и делови од стаклени шолји кои се смета дека потекнуваат од Персија, а сите овие пронајдоци се означени како национално богатство.

Иако островот е ставен на листата на културно наследство и тоа би придонело за поголема популарност и зголемен број на туристи, сепак Јапонците тврдат дека и понатаму строго ќе се придржуваат на правилата за посета, односно дека и во иднина жените ќе не можат да дојдат на островот.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот