Низ годините често до јавноста пристигнуваа вести за обвинувања за сексуално вознемирување, и тоа особено кај познатите личности. Но, ниту едно не ја вознемири јавноста колку последните обвинувања кон Харви Вајнстин, холивудскиот продуцент. Со оглед на толку многу сведоштва, тешко е да се одбие фактот дека сексуалното вознемирување навистина се случува, и тоа во голема мера. Но, постои и друг начин за да се научи за оваа појава: научни студии.
фото извор: Garling Lawyers
Токму научните студии имаат што да додадат на индивидуалните искуства за кои слушавме годинава. Истражувачите прават систематска работа. Преку квалитативни студии базирани на интервјуа и квантитативни анкети се откриваат карактеристиките и преваленцијата на вознемирувањето.
Ова е важно бидејќи приказните што најчесто се на насловните страници не се секогаш стандардните искуства. Она што го гледаме во медиумите е многу малку во споредба со она што го покажуваат податоците. Во реалноста, сексуалното вознемирување се случува најчесто на малцинства и лица од ранливи категории. Исто така, повеќето од вознемирувањата што се на родова основа не се сексуални. Тука станува збор за навреди, малтретирање, понижување, психичка тортура и слично. Студиите покажуваат дека 25 проценти од жените, по случаен избор на вработени лица, се соочуваат со сексуално вознемирување.
Процентите се менуваат во зависност од прашањето со какво вознемирување се соочиле жртвите. Бројката се искачува и на 40 проценти кога се работи за искусување специфично однесување, односно однесување во кое се содржело сексуално вознемирување. Сепак, луѓето немаат волја да ги именуваат и да зборуваат за вознемирувањата. Новинарите не можат да пишуваат за ваквите приказни на милиони жени, без спроведени анкети и податоци. Без истражувања, воопшто нема да биде познато наведеното – дека најчесто со вакви искуства се соочуваат ранливите категории, жените и оние што се осудувани за расната припадност.
Психолозите, освен што собираат податоци за ваквите случаи, се обидуваат и да дознаат зошто се случува тоа. Откриваат дека дека на работните места во компаниите постои одредена доза на цинизам кон анкетите, тренинзите и обуките што ги спроведуваат психолозите. Луѓето едноставно немаат доверба во таквите мерки, па затоа е тешко да се допре до нив и да се убедат дека таквите негативни искуства треба да ги пријават.
Потребно е многу да се работи за ова да се измени, сметаат експертите. Работниците сакаат да го сопрат сексуалното вознемирување меѓу нив, но не и да се појават на суд. Сепак, потребна е надворешна мотивација. Треба да се воведе и поефикасна стратегија за справување со ваквите случаи во самата организација. Експертите велат дека станува збор за табу-тема и нивните
истражувања во врска со сексуалното вознемирување не добиваат доволно поддршка, а со самото тоа се минимизира и проблемот.