Ана Марковска, која учи во штипската гимназија, вели дека во македонското образование нема ништо за уметничките души како неа
Повеќе практична и интерактивна настава, професори кои нема само да го предадат материјалот и да испрашуваат, туку со учениците ќе водат суштински разговори, повеќе простор за уметничките души меѓу учениците, учебници по сите предмети, почисти тоалети... Ова се само дел од нештата кои на матурантите што ги анкетиравме им пречеле во текот на школувањето.
Мартин Весков, ученик во скопска гимназија, вели дека во текот на основното и средното образование му недостигала повеќе пракса.
- Кога би можел, би ставил повеќе пракса. Да не биде сѐ само теорија. Музичко учевме за многу дела, ама никогаш не ги слушнавме. Потребна е и поголема интеракција меѓу професорите и учениците, да не биде само професорот да зборува 40 минути, а учениците да слушаат - вели тој.
Класичното учење е досадно
Неговиот соученик Илија Јакимовски ни даде сличен одговор. Тој исто така смета дека во училиштата треба повеќе да се слуша мислењето на ученикот.
- Често имавме само учење и само повторување на материјалот. Многу ни е пасивно образованието. Треба да се вметне повеќе практична работа, па интерактивна настава со видеа и слично. Класичниот начин на учење е досаден - вели тој.
Ана Марковска, која учи во штипската гимназија, вели дека во македонското образование нема ништо за уметничките души како неа.
- Фокусот е главно ставен на природните науки, но што е со учениците што сакаат театар, музика, ликовно? Нема никаков простор за креативно изразување на учениците во нашите училишта. Тоа најмногу ми пречи. Кога би можела, веднаш би вовела предмет сексуално образование. Ниту еден наставник не зборува со учениците за оваа тема. А треба! Во училиште за овие четири години за сексуално образование сме чуле понекој збор од некои организации што го посетиле училиштето - вели Марковска.
Образованието ќе го паметам по смрдеата во тоалетите
- Образованието, верувале или не, ќе го паметам по смрдеата во тоалетите. Ова ни го одговори матурантката Марина од Тетово.
- И во школото каде што учев во основно и во средното, кое еве го привршувам, тоа најмногу ми пречеше. Непријатната миризба што се шири низ ходниците, па сѐ до училниците мислам дека вечно ќе ми биде врежана во сетилото за мирис. Ова би го сменила кога би можела. Би ангажирала по пет хигиеничари во секое училиште, а и посебни часови на кои учениците ќе учат како се одржува хигиена во тоалетите - ни одговори таа.
Некои ученици, пак, во 21 век посакуваат да имаат учебници по сите предмети.
- Годинава имавме учебници по само три предмети. Се надевам дека следните генерации ќе имаат од каде да го учат материјалот, а не само да препишуваат и да учат од скрипти - ни одговори матурантка која учи на насоката графички техничар.
Филип од Скопје ќе го памети средното образование по дружбата со пријателите, а му пречело учењето напамет.
- Целиот концепт на учењето треба да се промени кај нас. Ние учиме механички, колку да научиме и да запамтиме до тестот или испрашувањето. Прво се потребни промени во учебниците, во пристапот на наставниците. Многу подобра опција за сите нас е учење со разбирање - вели тој.