X
 03.01.2018 Живот

Што откриваат пропагандните постери во Северна Кореја?

За надворешниот свет, пропагандните постери на Северна Кореја се озлогласени поради воените и антиамерикански пораки. На најновите често е присутен американскиот претседател Доналд Трамп, погоден од ракетни проектили. Катарина Зелвегер, која пет години живее во Пјонгјанг и работи за швајцарска владина агенција, собрала над 100 примероци од постери.

фотоизвор: University Museum and Art Gallery, The University of Hong Kong

На повеќето се промовираат земјоделството и науката, нудејќи алтернатива од насилните сцени што најчесто се поврзани со пропагандата од земјата. Постерите, кои охрабруваат на напорна работа и солидарност, се поткрепени и со насмеани граѓани и слики од славење на национални достигнувања.

Дваесет и пет од собраните постери сега се изложени во Универзитетскиот музеј и уметничката галерија во Хонг Конг. На постерите може да се забележи дека војниците во антиамериканските постери секогаш се машки, но жените често се користат за да се пренесат пораки во врска со земјоделството и индустријата. Постерите, исто така, се користат и за пренесување информации од јавен карактер бидејќи во земјата има ограничен пристап до интернет, а дозволени се само неколку телевизиски канали. Северна Кореја поставува и постери што се против пушењето цигари. Пропагандата содржи и информации за постигнатите промени во земјата, односно приоритетите на лидерството во моментот на владеењето.

фотоизвор: University Museum and Art Gallery, The University of Hong Kong

Стилот на постерите е конзистентен уште од 50-тите години на 20 век. Насликани во духот на социјалистичкиот реализам, постерите содржат артистички пристап кој некогаш бил популарен во комунистичкиот свет. Во тој поглед, како што вели Зелвегер, нема софистицираност и развој, напротив, слепо се следи сопствената традиција. Боите се силни и се менуваат, но композицијата на сликите е константна низ времето. Интересно е што повеќето од постерите се цртаат рачно. Најголем дел од нив се произведуваат во уметничко студио, државен објект во кој има околу 1.000 вработени лица.

фотоизвор: University Museum and Art Gallery, The University of Hong Kong

Поголемиот дел од постерите се испишани со слогани што се состојат од големи букви. И покрај високата стапка на сиромаштија и ниските очекувања, образованието е задолжително и бесплатно во земјата.

Традиционалниот корејски симболизам на бои се состои од 5 елементи – дрво, оган, земја, метал и вода. Па затоа, најчесто, на постерите се користат 5 основни бои – сина, црвена, жолта, бела и црна. Црвената е за социјализмот и агресијата, но и страста, сината ги означува мирот, хармонијата и интегритетот. Црната е темнина, па често се користи во антиамериканските постери, а жолтата ги означува просперитетот и славата.

фотоизвор: University Museum and Art Gallery, The University of Hong Kong
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот