X
 11.07.2019 Технологија

„Инстаграм“ во борба против сајбер-насилниците: „Дали си сигурен дека сакаш да го напишеш тоа?“

„Инстаграм“ верува дека новата алатка за заштита од булингот, која ги поттикнува корисниците да застанат и уште еднаш да размислат за она што го пишуваат, може да помогне да ја спречи злоупотребата на платформата.

Исто така, наскоро ќе им понуди можност на оние што доживеале булинг да ги ограничат интеракциите со корисници што ги вознемируваат.

„Инстаграм“ подолго време е под притисок да се справи со овој проблем поради голем број инциденти, меѓу кои и самоубиството на британската тинејџерка Моли Расел.

Главниот извршен директор на фирмата, Адам Мосери, вели дека „Инстаграм“ може да направи повеќе во врска со овој проблем.

- Можеме да направиме повеќе за да го спречиме булингот на „Инстаграм“ и можеме да направиме повеќе и да им дадеме моќ на жртвите. Овие алатки се засноваат на длабоко разбирање на тоа како луѓето се малтретираат едни со други и како реагираат на булингот на „Инстаграм“. Но, тоа се само два чекора на подолг пат - напиша Мосери.

2
Фото: Pixabay

„Инстаграм“ користи вештачка интелигенција за да препознае кога текстот личи на мислење што најчесто се пријавува како несоодветно од корисниците. Во еден пример еден човек пишува: „Ти си грд и глупав“, по што веднаш добива известување во кое пишува: „Дали сте сигурни дека сакате да го постирате ова? Дознајте повеќе“.

Ако корисникот притисне „Дознајте повеќе“, излегува известување: „Ги замолуваме луѓето да ги преиспитаат коментарите што се чинат слични со другите што претходно биле пријавени“. Корисникот може да ја игнорира пораката или да ја постира, но „Инстаграм“ вели дека самото известување ги охрабрува луѓето да го избришат коментарот и да споделат нешто помалку штетно откако ќе имаат можност да размислат за она што го пишуваат.

Алатката моментално е достапна на англиски јазик, со планови да стане достапна на глобално ниво. Компанијата соопшти дека наскоро ќе пушти во употреба дополнителна алатка наречена „Ограничување“, дизајнирана да им помогне на тинејџерите да филтрираат навредливи коментари без притоа да ги блокираат другите - потег што би можел да има реперкусии во реалниот свет.

- Од младите луѓе слушнавме дека не сакаат да блокираат, објавуваат или да пријават насилници бидејќи тоа може да ја влоши ситуацијата, особено ако се во интеракција со оној што ги малтретира во реалниот живот - вели Мосери.

Откако еден корисник ќе добие ограничувања, неговите коментари ќе се појавуваат само кај него. Од клучно значење е лицето што има ограничување да не знае дека има.

- Ограничените лица нема да можат да видат кога сте активни на „Инстаграм“ или кога сте ги прочитале нивните пораки во инбокс.

Булингот на социјалните мрежи, особено „Инстаграм“, се најде во центарот на вниманието по самоубиството на 14-годишната Моли Расел.

Таткото на Моли, која си го одзеде животот, изјави дека вознемирувачките содржини за депресија и самоубиство на „Инстаграм“ биле делумно одговорни за смртта на неговата ќерка.

На неодамнешна конференција на „Фејсбук“, Мосери рече дека главниот фокус на „Инстаграм“ е да се справи со проблемот со булингот.

- Охрабрувачки е тоа што е воведена нова функција на оваа социјална мрежа - изјави Алекс Холмс, заменик-главен извршен директор на Антибулинг-организацијата. Организацијата доби средства од „Фејсбук“ за реални иницијативи против булингот во училиштата. Холмс вели дека социјалните медиуми би можеле да направат повеќе за активно да ги научат корисниците за пристојно однесување.

- Ако сте под 18 години, треба да поминете низ градење на свеста кога ќе се регистрирате. Мислам дека е едноставна работа низ која може да се помине за време на регистрирањето. Платформите треба да бидат во состојба да го направат прашањето за безбедноста подостапно за корисниците - вели тој.

Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија