X
 15.05.2020 Технологија

Робот кој може да погоди што сакате да направите и да ви помогне

Додека Томас Розак работел како техничар за одржување во гигантскиот склад „Окадо“ во Хатфилд, добил необична задача.

Неговата редовна работа вклучувала поправка и одржување на онлајн-автоматски систем за сортирање и пакување. Ова може да биде физички тешка работа, управувајќи со тешки панели и работа со други делови од голема машина.

Во проект дизајниран да се олесни товарот, „Окадо технолоџи“ развил робот што може да препознае кога на техничарот му е потребна помош и да му помогне или со правилната алатка или при кревање.

Розак бил замолен да помогне со тестирањето на машината. Како што вели тој, кога првпат го видел роботот, глетката го вратила во детството.

- Пораснав со филмови како „Терминатор“, така што кога го видов роботот, бев импресиониран од неговиот изглед - вели Розак.

За Розак, силата на роботот била вистинска предност. Едно тестирање вклучувало отстранување на метална плоча од висина над главата. Човек би се борел да ја задржи плочата повеќе од две-три минути, но за роботот тоа била лесна задача.

робот
Фото: Screenshot/BBC

Искуството на Розак со роботот било во раната фаза на проектот наречен „Секондхендс“, во кој биле вклучени „Окадо“ и истражувачи од четири европски универзитети, а финансиран од Европската Унија.

Целта била да се изгради колаборативен робот базиран на роботот „AРМАР-6“, развиен во Технолошкиот институт „Карлсруе“ во Германија. Проектот завршил на 4 мај. И додека роботот е на долг пат да стане редовна алатка на работните места, истражувачите сметаат дека оствариле важен напредок спојувајќи ги роботските раце и дланки, системите за препознавање на гласот и вештачката интелигенција.

- Станува збор за амбициозен проект. Не сакавме само роботот да одговара на команди, туку сакавме машина што ќе предвиди што му е потребно на техничарот. Клучната точка за целата работа беше да имаме роботски систем кој ќе може да следи што прави техничарот, да ја разбере активноста што ја прави и проактивно да понуди соодветна помош во вистинскиот момент - вели Грахам Дикон, соработник за истражување на роботика во „Окадо технолоџи“.

Затоа, вештачката интелигенција на роботот беше обучена да гледа како луѓето извршуваат задачи.

- Би рекол дека 80 отсто од вештините роботот ги научи од човечки демонстрации - вели професорот Тамим Асфур од Технолошкиот институт.

Ова било важно бидејќи побрзо е да се научи вештачката интелигенција отколку да се програмираат упатства, вели Асфур. Исто така, тимот сакал роботот да препознава говор и да реагира на природен начин.

За да бидат корисни, роботите мора да бидат силни, но тоа ги прави и потенцијално опасни за луѓето. Повеќето индустриски роботски раце мораат да оперираат зад кафези бидејќи можат да го прегазат секој што ќе се најде на нивниот пат. За да обезбедат нивната машина да работи рамо до рамо со човекот, роботот „Секонд Хендс“ има софистициран систем за визија, со пет камери што ги следат движењата на неговиот соработник-човекот и идентификуваат предмети, како што се алатите. Исто така, роботот бил обучен да препознае кога да употреби соодветна сила.

- Едно од барањата во дизајнот за градење на рацете е да препознаваат судири со човечко тело и веднаш да запрат - вели професор Асфур.

Што ќе се случи следно, сега кога завршува петгодишниот проект? Потребна е поголема работа и истражување, а потребен е и сертификат со кој ќе се докаже дека роботот може да работи безбедно заедно со луѓето.

- Резултатите од овој проект категорично покажаа дека роботите можат да ги засилат придобивките од човечката експертиза. Ќе продолжиме да ги градиме овие учења, со нетрпение ја очекувам иднината каде што ќе можеме да ги користиме овие откритија за да ги примениме во реалниот свет - вели Асфур.



Извор: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија