X
 11.08.2020 Наука

Податоци од НАСА покажуваат како изгледа внатрешноста на Марс

Научниците учат сè повеќе за внатрешната структура на Марс. Најново истражување открива повеќе за она што се наоѓа под површината на планетата, со што подобро ќе се разбере формирањето на планетите, открива Алан Лавандер, еден од авторите на истражувањето. Во истражувањето првпат се одредени три граници помеѓу слоевите што се наоѓаат во внатрешноста на планетата.

Истражувањето на внатрешниот дел од планетата е комплицирано бидејќи Марс нема тектонски плочи како Земјата. Но благодарение на оваа карактеристика, со истражувањето на внатрешноста на Марс може да се разбере минатото на планетата, како и формирањето и еволуцијата на планетите генерално, открива авторот Сичуанг Денг.


Фото: NASA

Истражувачите користеле податоци од инструмент на НАСА поставен на роботски уред испратен на планетата неодамна. Со инструментот се мерат вибрациите што доаѓаат од внатрешноста на Марс, а податоците се користат за откривање на густината и составот на планетата под површината.

На Земјата структурите под површината се истражуваат со анализа на земјотреси, но Марс е помалку тектонски активен, што значи дека има многу помалку потреси во споредба со Земјата. Освен тоа, поставена е само една сеизмичка станица на Марс и затоа не може да се применат методи за кои се потребни сеизмички мрежи.

Сепак, научниците успеале да детектираат три граници во внатрешноста на Марс. Првата граница помеѓу кората и обвивката се наоѓа на 35,4 километри под површината.


Фото: Freepik

Втората граница се наоѓа во обвивката и одделува два слоја со минерали наречени оливин и вадслит. Оваа граница се наоѓа на околу 1.110 до 1.170 километри под површината.

Последната граница ги разделува обвивката и јадрото и се наоѓа на длабочина од 1.520 до 1.560 километри под површината.

Овие информации откриваат повеќе за планетата во сегашноста, но може да се искористат за анализа на развивањето на Марс низ историјата.

Автор: Џорџина Торбе
Извор: digitaltrends.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука