X
 11.09.2018 Технологија

Во Пекинг отворен вториот интернет-суд - каква е неговата функција?

Онлајн-расправиите меѓу корисниците на социјалните мрежи би натерале секого да воведе некакви правила, а Кина со своите 800 милиони жители не е исклучок. За да помогнат, тамошните власти воспоставија нов вид суд што се занимава исклучиво со случаи поврзани на интернет - интернет-суд.

Минатата недела официјално беше отворен и втор ваков суд во Пекинг, а негова задача е да ги разреши прашањата во врска со онлајн-трговијата и споровите во врска со личните податоци и интелектуалната сопственост на интернет.

Повеќето судски сослушувања вклучуваат онлајн-купување, договори за онлајн-услуги, заеми, авторски права и домејни. Ана Фенгдеа, потпретседател на Високиот народен суд во Пекинг, истакна дека е сѐ поголем бројот на судски постапки во врска со интернетот во Кина - годишниот пораст изнесува околу 24 отсто.

пекинг
Фото: Profimedia


Интернет-судот во Пекинг е отворен 24 часа на ден, има 38 судии со големо искуство, а се наоѓа во научниот парк Зонгуанцун Фенгтаи. Сите активни случаи се достапни преку „дигитална платформа“ каде што можат да се пронајдат заклучоци поврзани со поединечни случаи, вклучувајќи ги и одлуките на судот.

Првиот интернет-суд во Кина беше отворен минатата година во Хангжу, а третиот треба да се отвори овој месец во Гуангжу.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија