X
 11.09.2021 Наша тема

Да трчаш е ин, дејствува како допамин, порака од „Трчај бе“ до младите

Учесници од 5 до 70 години утре ќе бидат дел од трката во Битола, една од ретките каде што учествуваат цели семејства. Се поттикнуваат младите да одморат од интернетот и уредите и да трчаат кон подобро здравје, живот и расположение

Каде се видело на друго место да трчаат цели семејства, родители со деца, баби и дедовци со внуци? Учесници од 5 до 70 години по трет пат ќе обедини трката со симболично битолско име „Трчај бе“. Утре таа ќе ги слави спортот и физичката активност кај сите возрасти зашто еден од слоганите е „Не се вади на годините“. Утре стотици млади лица ќе ги остават компјутерите, мобилните телефони, ќе ги напуштат кафулињата и ќе трчаат на еден од најголемите атлетски настани во Македонија и еден од поголемите на Балканот за трки што се организираат на улица. Секој што ќе успее да ја премине целта од 5, 10 или 21 километар ќе биде победник.



Трчаат млади со родителите и дедовците

- Радува фактот што сè повеќе деца се појавуваат на трката со родителите, трчаат заедно цели фамилии. Бројката, како на младите така и вкупно на сите учесници, е сè поголема, па оваа година ја пробивме бариерата од 1.000 натпреварувачи. Гледаме да внесеме новитети во промотивните кампањи. Седењето на децата пред телефон или компјутер може да се искористи и позитивно. Постојано сме креативни преку социјалните медиуми. Ете тригер за децата, да ги привлече начинот на промоција, да сфатат дека трчањето е „ин“ и да почнат да го практикуваат - вели Никола Димитровски, директор на трката „Трчај бе“.



Никола Димитровски

Како позитивен пример го посочува и личниот. Раскажува дека трча веќе неколку години, откако почувствувал дека му недостига физичка активност. Со текот на времето му се променил биоритамот и се чувствува свеж, па сега вели дека трчањето доаѓа како допамин (хормон на среќа), од кој човек станува зависник во најпозитивна смисла.

Битола, градот каде што по трет пат, веќе традиционално, се одржува трката, од која годинава дел е и Балканското првенство во полумаратон, со години немаше ваков настан. Во градот постоеле шампиони како Вера Вељановска, Стевче Георгиевски, Демир Даутовски, а во поново време и Кристијан Стојани. Сега трката повторно ги обнови старите добри навики.

Некои на љубов во паркот, а други на трчање


- Обрнете внимание децата помалку да бидат на компјутер и мобилни телефони! Наместо тоа, да ја користат убавината на природата. Да одат на планина, да шетаат и да се рекреираат - порача најголемата битолска атлетска легенда Вера Велјановска. Таа денес има над 60 години и е во пензија, но рекордите што ги постигнала во трчање на кратки патеки и натаму не можат да се надминат: 7,3 секунди на 60 метри во сала во Букурешт, 7,5 секунди на 60 метри во сала во Сплит, 11,6 секунди на 100 метри на отворено во Букурешт, 24 секунди на 200 метри на отворено во Софија. Вера ги бранела боите и на Македонија и на Југославија. Има освоено 70 златни, 15 сребрени и три бронзени медали, една златна и две сребрени плакети, многу пехари, награди и признанија.


Вера Велјановска

- Како млада одев на училиште и тренирав. Станував во 6 часот за да појадувам, одев на училиште, се враќав, учев и во 15:30 часот бев во битолскиот парк. И на дожд и на снег, дали студело или било жешко, немаше не можам или не одам. Тоа беше мојот живот. Дома се враќав околу 19 часот, ќе довршев домашна и во 22 часот бев в кревет. Строг режим. Во „Битолски весник“ напишаа: „Додека нејзините врснички водат љубов по парковите, битолската газела трча“, се присети Велјановска.

Со трчање против сколиоза и дебелина

Тежината на училишните ранци, неправилната положба на седење на училиште, пред компјутери, со мобилни телефони, особено во изминатата година со онлајн-настава, и немањето физичка активност придонесоа за зачестени деформитети на ‘рбетот и дебелина кај децата. Научните истражувања на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип покажаа дека меѓу градовите со ученици што имаат најмногу сколиоза се Скопје, Прилеп, Тетово и Струмица. Уште пред десетина години од 2.398 ученици од основно училиште, при систематски прегледи биле евидентирани 140 случаи на сколиоза кај момчиња и 174 случаи на сколиоза кај девојчиња. Од 9.827 при систематските прегледи во средните училишта била евидентирана сколиоза кај 1.089 момчиња и 1.259 девојчиња.

Трката „Трчај бе“ изобилува со ентузијасти, докажани спортски работници кои можат да бидат само пример за помладите. Таков е Јован Василев, еден од првите учесници на „Трчај бе“, кој успеа на 71 година да постигне резултат што не можеа ни 25-годишните натпреварувачи - 25: 24. Тој е спортски работник 43 години, бил менаџер на Кошаркарскиот клуб „Пелистер“, двапати првак во Македонија, а паралелно и ракометен судија, а сега е претседател на женскиот ракометен клуб „Пелистер“.







Јован Василев

Јован Василев на 71 година подобар од трипати помладите од него

- Трчам откако престанав да бидам спортски судија. Кога завршив со судењето, станав меѓународен делегат. На крајот на кариерата настојував да обезбедам од Битола да има неколку пара судии и сега има и меѓународни. Тие се подготвуваа за полагање како судии, а јас како делегат трчав со нив. И се мотивирав да бидам што подобар - раскажува Василев.

Се присетува дека пред 40 години животот на младите бил многу поорганизиран кога се во прашање спортските активности и здравите навики.

- Дојде време покрај телефоните и компјутерите, физичката активност да биде занемарена, а е многу попотребна. Не се само дигиталните апарати, туку и кафулињата, кои често не се релаксирање, ни одмор, туку делумно умор. Пред 40-ина години паркот беше полн, планините беа многу посетени. Имаше детски летувалишта како Пелистер, Пониква. Државата повеќе мислеше на младите, како да им го организира животот, а да биде активен. Јас како дете сум бил на Пелистер 15 пати во детското одморалиште. А денес е руина - вели Василев.

Годинава ќе трча заедно со зетот и ќерката Јована Василева, поранешна победничка на „Танц со ѕвездите“ во латиноамерикански и класични танци. Тие ќе бидат дел од мозаикот на трката која поставува нови стандарди во животот на младите и на сите генерации, на што укажува и еден од слоганите „Трчај и фали се“.


Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема