X
 14.08.2019 Наша тема

„Трчај бе“ ги растрча битолчани!

Бројот на пријавени за првата градска трка што ќе се одржи на 15 септември досега е околу 300. Од 7 до 70-годишни се пријавени за трката, чиј назив е краток, јасен и битолски

На 15 септември Битола ќе ја добие првата трка што во целосно битолски манир го доби називот „Трчај бе“. Група ентузијасти во трчањето одлучија да ја променат сликата - Битола да добие градска трка каква што заслужува.
Разговараме со Никола Димитровски, кој е адвокат по професија и еден од иницијаторите на трката, а се вљубил во трчањето пред само една година.


Никола Димитровски, иницијатор на трката

Како се роди идејата за „Трчај бе“?

- За да одговорам на ова прашање, треба да се вратам малку наназад, во 2018 година, кога јас почнав рекреативно да трчам. Почувствував дека не сум доволно физички активен, па што би рекол Форест Гамп, „I just felt like running“, и едноставно почнав да трчам. Притоа си одредив и цел, а тоа беше да истрчам 5 километри на Скопски маратон, кој се одржуваше во мај истата година. Тогаш почувствував еуфорија, возбуда и позитивна енергија кои не можам да ги споредам со некое претходно искуство и уживав буквално во секоја секунда од трката. И сакав пак. Најблиску беше „Охрид Трчат“, само нецел месец по Скопски. Таму истрчав 10 километри и тука веќе си го поставив прашањето зошто ова да го немаме и во Битола?
Веднаш, во јули, повикав неколкумина истомисленици, кои знаев дека ќе сакаат да бидат дел од оваа приказна и почнавме да работиме на идејата за градска трка во Битола. Направивме и здружение кое го нарековме Здружение на луѓе што имаат желба за трчање „ТРЧАЈ БЕ“. Нормално, „Трчај бе“ е и името на трката. Кратко, јасно и битолско. Подоцна направивме и веб-страница, уште подобро се екипиравме, осмисливме план и стратегија за работа, изготвиме нацрт-буџет, се поврзавме со организаторите на Скопскиот маратон и „Охрид Трчат“, па кога проценивме дека сме подготвени, ја објавивме идејата во јавност.
Во меѓувреме, како натпреварувач трчав повторно на Скопски, овој пат на полумаратонската трка, па на „Охрид Трчат“, но и на Кавадаречкиот полумаратон, од каде што извлеков дополнителни искуства. Датумот за нашата трка го одредивме за 15 септември, а моментално сме на турбопогон зашто следува најтешката фаза - реализацијата.
Колку што ми е познато, Битола досега немала градска трка од овој тип, што ни е уште поголем предизвик.



Колкумина учествувате во организацијата и на еден месец пред трката дали сте задоволни од одѕивот, односно пријавените учесници?

- Шестмина го стартуваа „Трчај бе“ од идеја до реализација. Сепак, во поширока организација имаме уште десетина луѓе кои помагаат во различни сегменти. Морам да ја споменам и поддршката што ја добиваме од луѓе од јавниот живот, кои активно се вклучија во кампањата за поддршка на трката, како и планинарски и спортски здруженија и колективи, но и на сите други добронамерни луѓе кои на секој можен начин сакаат да помогнат. Бројот на пријавени досега е околу 300, па ако се има предвид дека следува периодот кога се очекуваат најмногу пријави, досега сме и повеќе од задоволни.

Ја личи ли Битола без вакви спортски активности и настани?

- Нормално, не. Исто како што не ја личи без стадион, професионална патека за трчање, градски велосипедски патеки, затворен базен, нова спортска сала, повеќе паркови и спортски игралишта за кошарка и фудбал итн.
Но, да се задржам на трката. Откако активно се вклучивме во организацијата, дојдовме до заклучок дека во Битола функционира само еден атлетски клуб, со еден сериозен натпреварувач, кој помага и во нашата организација – Кристијан Стојани. Единственото место каде што може да се тренира е Градскиот парк, каде што нема професионална патека за трчање, т.н. тартан. Во зимски услови не постои место во градот за тренинзи, ниту рекреативно ниту професионално. Можеби со повеќе вакви иницијативи многу работи ќе почнат да се поместуваат од мртва точка. Со седење дома и пишување статуси на „Фејсбук“ тешко дека нешто ќе промениме. Со добра идеја, вистински тим и многу работа, може да се постигнат работи кои претходно изгледале невозможни.



Да споменам и дека иако немаме сериозна инфраструктура за подготовки, двајца битолчани редовно завршуваат на победничкиот подиум на Скопски маратон, охридската трка, на бич ран-трките. За нив знаеја нивните најблиски, но со споделувањето на нивните успеси преку нашите канали на комуникација со илјадници фанови дознаа многумина.

Познавате ли луѓе што се мотивираа да почнат да трчаат благодарение на трката?

- Ако порано понекој атлетичар или активен спортист трчал во паркот како единствено „нормално“ место за трчање, зачудува бројот на луѓе што во последниве месеци активно трчаат. И не е поврзано толку со сезоната, бидејќи пролетта паркот беше празен, со ретки исклучоци кои се подготвуваa за Скопски маратон.
Во лето, на овие навистина пеколни температури, радува бројката на луѓе што трчаат. Секојдневно, преку социјалните медиуми, добиваме пораки од луѓе што се подготвуваат за трката. Многу од нив се почетници, кои немаат храброст, па ги бодриме, а се јавуваат и луѓе што ја посетуваат Битола за викенди, па бараат друштво за трчање и ниe ги вмрежуваме.


Поддршка и од битолската актерката Викторија Степановска

Досега се пријавиле или имаме најави дека ќе трчаат од 4-5 годишни деца до возрасни луѓе на 70 години. Уште еден факт кој радува e пријавувањето компании и здруженија кои во нашата трка препознаа настан за тим-билдинг. Баш поради сите овие работи идејата со „Трчај бе“ е многу поширока, а тоа е промоција на здрав начин на живот и лобирање Битола да добие инфраструктура со патеки за трчање и спортски објекти. Редно е трчањето, планинарењето, здравиот начин на живот, здравата исхрана, спортувањето, воопшто, да станат модерни. Не гледам ништо лошо дури и ако овие работи се прават од помодарство. И претераното објавување фотографии на социјални мрежи од некоја активност повеќе го гледам како мотив за оние што не спортуваат отколку како фалба.



Како реагираат фирмите од Битола и од регионот? Покажаа ли интерес да Ве поддржат?

- Ако некој ве убедува дека е тешко да се пробие нова недокажана иницијатива кај потенцијални компании што би се јавиле како покровители и спонзори, ние од „Трчај бе“ тоа ќе го демантираме. Tрчањето е поврзано со филантропијата. Луѓето што трчаат имаат одговорност не само кон себеси и своето здравје, туку и кон заедницата во која живеат. Затоа постојат компании што тој миг го препознаваат како полигон во кој им се дава шанса да се промовираат, без разлика на типот на продукти што ги продаваат и услугите што ги нудат. Веќе имаме потпишани договори со две големи компании, од кои едната е фабрика од Битола која вработува најголем број луѓе во цел регион - „Кромберг и Шуберт“, а другата, добро познатото друштво за осигурување - „Еуролинк“. Имаме и убава листа со спонзори, поддржувачи и пријатели на идејата за првата градска трка, со што се олеснува моментот на организација и на издигнување на настанот на нивото што го заслужува.


Поддршка и од Пеце Николовски, кларинетистот на „Фолтин“
Фото: Shoot and Shine
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема