X
 11.09.2016 Култура

Почувствувај ја светлината - Започна 37-то издание на фестивалот "Браќа Манаки"

Битола од вчера започна да дише во ритамот на филмот, а причина за тоа е 37-то издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Фестивалот беше отворен со енергичниот настап насловен „Циклусот на животот“, во режија на Мартин Кочовски.

 

1


На отворањето, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов му ја врачи Златната камера 300 за животно дело, а Џон Сил се заблагодари за наградата и пречекот во Македонија.

„Навистина голема работа е да се држи оваа награда од аспект на едно младо момче од Австралија кое пред многу години со својата 8 милиметарска камера, тргна низ светот со надеж дека ќе направи работа која ќе го исполнува. 45 години подоцна можам да кажам дека тоа така се случи. Направив многу филмови, поминав еден долг период на учење и се'уште учам“, изјави Сил.

Вториот лауреат, снимателот Роби Милер, заради здравствени причини не допатува да ја прими наградата за животно дело, но неговата долгогодишна соработничка Клер Пијман се заблагодари во негово име пред публиката во Битола. Наградите за особен придонес во светската  филмска уметност и во македонската кинематографија за кинематограферот Федон Папамихаил и продуцентот Сајмон Пери, ќе им бидат доделени во текот на фестивалот.

ФОТО - ГАЛЕРИЈА

Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, кој инаку е покровител на фестивалот го прогласи фестивалот за отворен.

„Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Од самиот почеток на приказната за македонската независност се пријавивме во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, некаде ни го грешеа дури и името. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава - со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Република Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години. Но има еден аспект од независноста со кој речиси никогаш немавме проблем, а тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имавме импресивно филмско резиме“, истакна Иванов.

Филмот на Раде Шербеџија „Ослободувањето на Скопје“ кој е во официјална конкуренција, вечерва на отворањето ја имаше својата македонска премиера.

„Ова е еден од најубавите фестивали, можеби затоа што е фестивал на кинематограферите, кои се еден од најважните сегменти во филмот. Тоа се магионичари кои ја држат камерата и кои не' сликаат. Не знам дека има награди на овој фестивал, но за мојот снимател очекувам дека ќе биде награден“, рече Шербеџија.

На фестивалот ќе бидат прикажани  150  филмови во  различни категории, а во официјалната конкуренција ќе се натпреваруваат 14 филмски остварувања, избрани од светските филмски фестивали во Кан, Берлин и Венеција.  Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе трае до 17 септември, а ќе го затвори  премиерата на новиот македонски филм „Златната петорка“ на режисерот Горан Тренчовски.

 

2


„Битолско движење“ не ја пропушти можноста да ги поздрави Ѓорѓе Иванов и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска со герила акција - групата ги пречека со три транспаренти, иако обезбедувањето и полицијата не им дозволи да се приближат до црвениот тепих.

ФОТО - ГАЛЕРИЈА

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура