X
 11.10.2018 Живот

Европскиот парламент ослободува место за велосипеди во европските возови

Членовите на Комитетот за транспорт и туризам (ТРАН) при Европскиот парламент гласаа за поддршка на предлогот за воведување минимум осум места за велосипеди во сите нови или реновирани европски возови. Ако предлогот ја добие поддршката на пленарната седница на Парламентот, како што се очекува, тогаш тој ќе стане нивната официјална позиција во дискусиите со земјите-членки, односно Советот на ЕУ.

- Патниците ќе можат да ги носат велосипедите во возовите, вклучително и во брзите, прекуграничните и локалните сервиси. Сите нови или реновирани возови ќе треба, за две години по стапувањето во сила на оваа регулатива, да вклучат добро означено место за велосипеди со минимум осум места - стои во текстот на ТРАН.

Во него се додава дека продавачите на билети, тур-операторите и менаџерите на станиците (таму каде што ги има) треба да ги информираат патниците за условите за носење велосипед во согласност со регулативата.

Европската велосипедска федерација и нејзините членови долго време бараа појака формулација во регулативата на ЕУ во врска со носењето велосипеди во возовите. Моментално се наведени само условите во кои може да се носат велосипеди и не ги охрабрува железничките станици да имплементираат мерки дизајнирани за комбинирање на овие начини на работа. Последователно, има голем број железнички поврзувања низ Европа каде што нема одредби за носење велосипеди.

Многу велосипедисти сакаат да си ги носат велосипедите на почетокот и на крајот од нивното патување заради комфор и помали трошоци.

По пленарната седница ЕП ќе влезе во дискусија со Советот на ЕУ за да ја договори завршната форма на регулативата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот