X
 25.04.2021 Живот

Како би изгледале градовите без автомобили?

Компјутерите драматично променија сè во врска со архитектурата во последните 30 години, но најмногу во презентациите и изведбите. Онаму каде што некогаш се трошеле илјадници долари и неколку недели за да се добие единствена слика, сега може да се изградат цели градови во 3Д и да се добие неверојатен фотореализам.

Така, неколку архитекти создале студија на случај за да покажат како може да ги исфрлиме автомобилите од градовите низ светот и како да го искористиме просторот.

На проектот работел Дитер Брел од германската фирма „3делукс“.

1

- Ковид-19 ги забрза промените во градовите. Бидејќи стана очигледно дека моторните возила треба постепено да исчезнат од градскиот пејзаж, сега е време да размислиме како можат да се редизајнираат патиштата во иднина - вели Брел.

Тој забележува дека многу градови прават промена сега, вклучувајќи прераспределба на патиштата за да им се даде повеќе простор на велосипедистите и пешаците, а помалку на паркираните возила. Овие промени може да станат трајни.

2

- Следното ниво ќе биде многу подалеку од едноставните „козметички“ адаптации на овие вредни простори, вметнувајќи радикални структурни интервенции во согласност со новите околности: тротоарите и патиштата какви што ги познаваме повеќе нема да постојат. Наместо тоа, се појавува можност за целосна реформација на површините помеѓу зградите, што ќе го промени градскиот пејзаж на иднината - вели тој.

- Патот на иднината ќе има пејзажни елементи: урбаниот пејзаж и нежните падини за одделување на зоните и теренот слично на скејт-парк ќе овозможат свежина во различните начини на транспорт. Поранешните раскрсници би можеле да бидат живи градски плоштади, центри на градски живеалишта или „мали острови за забава“ за минувачите.

3

- Може да има динамични сообраќајници наменети за „мека подвижност“ (велосипеди, скутери, скејтери, пешаци, јавен е-превоз), а помеѓу нив, зони и острови со различни понуди за жителите на градот: комуникативни места за седење, место за вежбање и релаксирање, простор за играње, урбано градинарство, зелени зони, поп-ап сцени за културни настани, продавници итн. - додава тој.

Забавно е да се замисли што би се случило кога ќе ги помешате сите тие скутери и велосипедисти со неколку илјади туристи на „Тајмс сквер“.

4

Но, дека е можно докажуваат и архитектите кои го преточија сето ова во реалност со плоштадот во Каунас, Литванија.

- Отворениот дизајн на плоштадот, со испреплетени зони за релаксација, комуникација и игра, како и области за велосипеди, скутери, ролери и скејтборди, беше исклучително добро прифатен од локалните жители. Во текот на летото плоштадот брзо се претвори во жив, јавен простор за градот - вели Брел.

6
Плоштадот во Литванија/Фото: Norbert Tukaj

Извор: Treehugger.com
Фотографии: 3Deluxe
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот