X
 11.10.2024 Живот

Книгите како статусен симбол: Феноменот на полиците за книги на социјалните мрежи

Во последниве години социјалните мрежи станаа незаменлив дел од нашите животи, обликувајќи го начинот на кој комуницираме, работиме, па дури и ги украсуваме нашите домови. Еден тренд што се издвојува се  полиците за книги. 

Фотографии од импресивни библиотеки, големи и мали, ги преплавуваат „Инстаграм“, „Пинтерест“ и други платформи правејќи ги книгите статусни симболи. Но, што кажува овој тренд за нас како општество? Дали е тоа искрена љубов кон литературата или само уште еден начин на себепромоција?

Историски преглед: Книгите како статусен симбол

Во средниот век само најбогатите можеле да си дозволат книги, кои биле препишувани на рака и биле богато украсени. Да се поседуваат книги не значело само богатство, туку и образование и моќ. Во периодот на ренесансата, со појавата на печатарството, книгите станале подостапни, но сепак биле луксуз.

Денес, и покрај широката достапност на дигитални формати, физичките книги повторно стануваат симбол на престиж. Но, за разлика од минатото, каде што поседувањето книги било поврзано со образованието, денешниот тренд носи поинаква порака.

Дигиталната ера и враќањето на физичките книги


Во дигиталнава ера, кога книгите се достапни преку е-читачи и апликации, физичките книги станаа нешто повеќе од извор на информации. Тие сега се украсни елементи, лични изрази на идентитетот и социјалниот капитал. Полица за книги во дневната соба или во домашната канцеларија е еден вид показател за културата и софистицираноста на сопственикот.

Луѓето внимателно ги одржуваат своите полици избирајќи книги кои не само што ги одразуваат нивните интереси, туку и испраќаат специфична порака до нивните следбеници. Книги од познати автори, класични дела и луксузни изданија често го заземаат централното место.

Естетиката пред содржината

Кога гледате слики од полици за книги на социјалните мрежи, често се гледа дека естетиката е поважна од содржината. Книгите се подредени по боја, големина или тема. Најчести се моментално популарните наслови или оние што имаат препознатливи и атрактивни корици. Ова го наметнува прашањето дали луѓето ги читаат овие книги или ги користат само како украс?

Критички поглед: површност или автентичност?

Иако воодушевувањето од убавите полици за книги е сосема разбирливо, критичкиот поглед на овој тренд открива одредена површност. Книгите, кои некогаш беа симболи на знаење и образование, сега често стануваат украсни предмети. Во свет во кој сѐ повеќе се посветува внимание на надворешниот изглед и перцепцијата на другите, вистинската вредност на книгите може да се занемари.

Од друга страна, не е се така црно-бело. Овој тренд има позитивен аспект. Ако гледањето на убаво наредените полици поттикне некого да почне да чита, тогаш тоа е чекор напред.

Психолошки аспекти: Зошто ги сакаме книгите како декор?

Постојат неколку психолошки причини зошто сакаме да имаме книги како декор. Прво, книгите ни даваат чувство на удобност и домашна атмосфера. Тие создаваат атмосфера на топлина и интелектуална стимулација. Второ, поседувањето книги може да ни даде чувство на достигнување и идентитет. Преку книгите изразуваме кои сме или кои би сакале да бидеме.

Трето, во ера на брзи промени и дигитални информации, физичките книги обезбедуваат чувство на трајност и стабилност. Тие се опипливи докази за нашите интереси и страсти, за разлика од минливите дигитални содржини.

Книгите помеѓу модата и значењето

Книгите отсекогаш биле повеќе од предмети. Тие носат приказни, знаења и емоции кои го збогатуваат нашиот живот. Без оглед на мотивите за нивното поседување, нивното присуство во нашите домови може да придонесе за нашата лична и колективна култура. Можеби ова е најважната лекција што можеме да ја научиме од овој тренд – книгите, без разлика на нивната форма или цел, имаат моќ да ги обликуваат нашите погледи на светот и да ги збогатат нашите животи.

Извор: svijetkulture.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот