X
 11.11.2020 Технологија

Интересни трикови што ќе ви овозможат подобро искуство на „Нетфликс“

Дел од привлечноста на „Нетфликс“ е дека оваа платформа работи на тој начин што без оглед дали сте на телефон, таблет или паметен телефон, едноставно можете да ја приклучите и да продолжите онаму каде што сте почнале.

Но, доколку ги следите овие совети, тогаш ќе најдете голем број начини да го приспособите вашето искуство на гледање.

Запрете ја автоматската репродукција на видеата

Една од најголемите критики на гледачите е автоматското вклучување на трејлерите кога ја отворате апликацијата. Но, тоа може да се промени: корисниците на „Нетфликс“ сега може да контролираат дали сакаат да ги гледаат трејлерите. За да ги исклучите, најавете се на „Нетфликс“ преку веб-пребарувачот, изберете Manage profiles и едноставно отштиклирајте го полето до Autoplay.

Скриени категории на „Нетфликс“

Кодовите за категории на „Нетфликс“ може да ве упатат на нешто специфично, како на пример драма-жанрот. Или нешто навистина специфично, како „романтични индиски драма филмови“ (тоа е 4729, во случај да ве интересира).

Од непознати причини, библиотеката на „Нетфликс“ е организирана во повеќе категории отколку што некогаш ќе видите на предниот екран. Секако, ќе најдете очекувани групирања, како стари „драма филмови“, кои можат да се најдат на netflix.com/browse/genre/5763. Но, ако го замените „5763“, ќе откриете свет на скриени, необично специфични категории.

Можете и да изберете случаен број и да видите која категорија ќе се појави. Но, со оглед на огромниот број на опции, најдобро е да го користите неофицијалниот водич за да видите што имате на располагање.

netfliks
Фото: Freepik

Преземете епизоди што ќе можете да ги гледате кога немате интернет

Апликациите на „Нетфликс“ за „Андроид“ и „Ајос“ ви овозможуваат да преземате одредени серии за гледање офлајн, во случај на долг лет или одмор каде што нема да имате безжичен интернет. „Нетфликс“ ви овозможува да ја преземете целата оригинална содржина, но дали можете или не можете да ги зачувате омилените филмови или емисии офлајн, зависи од договорот што тие го склучиле со „Нетфликс“.

Променете го квалитетот на репродукција


Нема да најдете многу поставки во рамките на апликациите и веб-плеерот на „Нетфликс“,  но една од најважните е контролата на квалитетот на репродукција. За да стигнете до оваа постапка, во веб-прелистувачот поместете го глувчето над вашиот аватар (горе десно), а потоа изберете Account од паѓачкото мени. Кликнете на поставките за репродукција и направете избор. Ако гледате на телефон и го користите интернетот од телефонот, тогаш намалете ја резолуцијата.

Создајте повеќе кориснички сметки


„Нетфликс“ дозволува единствена сметка за пристап до видеата од неколку уреди. Тоа значи дека можете да почнете да гледате видео на вашиот телефон, а потоа да преминете на компјутер. Луѓето често го користат за да им дозволат на разни пријатели и членови на семејството да споделуваат една сметка, но тоа може да создаде хаос во препораките што ви ги дава „Нетфликс“. Затоа, можете да креирате индивидуални кориснички профили во рамките на истата сметка. За да го направите ова, одете во Manage profiles од паѓачкото мени под вашиот аватар во горниот десен агол на екранот.

Гледајте заедно со пријателите со помош на „Netflix Party“


Еден добар додаток на „Нетфликс“ е „Netflix Party“ за „Гугл хром“ што ви овозможува да се синхронизира репродукцијата и додава прозорец за разговор на страната на екранот.

Со оваа апликација ќе можете да уживате во „Нетфликс“ со пријателите, дури и ако не сте на иста локација.

Полесно пребарување на „Нетфликс“


Интерфејсот на „Нетфликс“ е дизајниран за едноставност и не секогаш ви ги дава најдобрите опции. Но, со апликацијата „Just watch“ не само што ќе откриете што е ново на „Нeтфликс“ туку и ви овозможува да видите што е популарно кај другите гледачи.

Извор: Popsci.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија