X
 03.03.2018 Технологија

Присутноста на криптовалутите - пристигаат ли нови валути?

Парите и штедењето отсекогаш ги привлекувале луѓето. Голем број валути оставаат можност за избор во која валута ќе штедиме или плаќаме. Со дигитализацијата и воведените нови технологии се појавуваат и нови видови валути, таканаречени криптовалути, меѓу кои и најпознатата – биткоин.


Името криптовалута се создало бидејќи системот за креирање на самата валута е заштитен со математика, односно криптографија. Ги создаваат корисниците на биткоин-мрежата преку интернет, па се смета за високо ризична и небезбедна валута. Не е разјаснето докрај на кој начин по пат на мрежа, односно интернет, се создава валутата која може да служи за плаќање, но е интересно тоа што сè повеќе онлајн-сервиси и продавници овозможуваат плаќање со оваа валута.

Плаќањето се врши со „пир-ту-пир“ (P2P) технологија, односно директно помеѓу два корисника, без посредување од банка или друга финансиска институција. Во светот во моментов постојат над 1.300 криптовалути. Поради бумот на биткоинот, во јавноста се занемарени другите криптовалути што минатата година беа поуспешни. Валутата „рипл“ е создадена во 2012 година, а се смета за наследник на биткоинот, па во текот на 2017 година оствари раст од неверојатни 360 илјади проценти.

Швајцарската банка „UBS“, шпанската „Сантандер“ и „Банка на Америка“ веќе на големо ја користат оваа валута во системот на меѓународни плаќања. Етериум во 2017 година се искачи за 9 илјади проценти, а тука се и другите криптовалути како кардано, литкоин, јапонскиот нем, јота и други. Она што е заедничко за сите овие валути е вртоглавиот раст на вредноста од нивното создавање, а и тоа што се анонимни, но и ризични. Биткоинот е најпозната дигитална валута, а се создаде во 2009 година.

Основачите на првата дигитална валута долго време го користеа псевдонимот Сатоши Накамото. Подоцна, во 2016 година, откриено е дека зад сето тоа стои австралискиот програмер и претприемач Крег Стивен Рајт. Според некои истражувања, биткоинот во моментов се користи од околу 2,9 до 5,8 милиони луѓе во светот. Вредноста на биткоинот расте од самото негово појавување. Минатата година валутата забележа најголем раст, но поради најавата дека ќе биде забранета во Кина и во Јужна Кореја, за само неколку дена во 2018 година вредноста падна за речиси 50 проценти. Тоа е и најголемата мана на биткоинот – неговата осцилација и неможноста за предвидување. Ризик претставува и фактот дека валутата нема свое регулаторно тело, па затоа трансакциите, корисниците, преносот и плаќањето во оваа валута се целосно анонимни и не постои можност за следење и контрола на текот на парите.

Одредени светски корпорации најавиле масовно воведување на криптовалутите во легалните финансиски текови. Бил Гејтс изјавил дека иднината на парите е во криптовалутите. Од друга страна, американскиот милијардер и инвеститор Ворен Бафет рекол дека никогаш нема да инвестира во биткоин и дека сите криптовалути ќе завршат лошо.

Програмерите и компјутерските експерти тврдат дека наједноставен начин за заработување биткоини е таканареченото „копање“, односно самостојно создавање на оваа валута. Компјутерот онлајн обработува одредени трансакции користејќи алгоритми за енкрипција, со кои формира таканаречени „блокови“ од кои подоцна се остварува профит. Се работи за сложен процес. Предуслов за сето ова е адекватна опрема која и не е баш евтина. За компјутер кој има технички можности за вакви операции, потребно е да се издвојат и до неколку илјади евра, бидејќи самиот компјутер треба да има силна конфигурација, меморија, процесор и друго. Дури ни поскапите гејмерски компјутери не се доволно силни бидејќи зад сето ова има и екстремно комплицирани математички операции.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија